Васоски: Имало или немало пари - ние во Вардар глава не наведнуваме!
Ретко кој веруваше дека во хаосот и по бурните состаноци со експлозија на незадоволство поради неисплатените плати, фудбалерите ќе најдат толку силна мотивација за да победуваат, мислиш во клубог тече „мед и млеко“. Тренерот Александар Васоски е поранешен фудбалер на Вардар, четири години беше помошник тренер, а го презеде клубот во периодот во кој „црното сценарио“ веќе беше напишано, не само поради финансиската криза, туку и поради несигурната иднина откако беше најавено дека рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко го враќа клубот на градот Скопје.
„Бев самоуверен само зашто ги гледав момците како работат на тренинзите. Кога ќе видите како екипата работи, како е ангажирана, мечевите не може сами по себе да дојдат, туку мора да се плод на некој труд. Да не испадне дека сум видовит, ама потајно знаев, иако можеби не очекував до вакво ниво, дека имаме кадарен тим да се избориме за Европа, но како одминува времето ние сме кандидати за титула и ќе настојуваме да ја освоиме“, вели Васоски по досегашните осум меча во кои црвено-црните шест пати победија и досега не се поразени.
Фактот што Вардар е прв на табелата не е никаква сензација, ама каква е состојбата во клубот, овие резултати се вистински хит. А, како црвено-црните успеаја да се издигнат како Феникс, најдобро може да отслика човекот кој се нафати на предизвикот да го води македонскиот гигант во овој исклучително тежок период.
Дали е Вардар феномен? Историјата не памети еден клуб буквално беспари да има вака добри резултати?
„Не можам да кажам дека е феномен. Вардар по мене, а и по многу критериуми е наш најголем спортски бренд, така да за оваа ситуација која нѐ следи, сите имаме надеж дека ќе се среди. Ништо нема да добиеме ако во фудбалскиот дел ги наведнеме главите, а сите знаеме дека зад Вардар стојат навивачи, многу симпатизери, цела јавност... Ако наведнеме глави ќе има – контраефект! Значи од една страна во таква ситуација ќе бидеме плукани од публиката, а од друга страна само ќе потонеме. Едноставно решивме дека ќе дадеме максимум, а играчите тоа го сфатија. Сфатија дека Вардар со успесите лани си го крена своето ниво и на европска сцена, па младите сега гледаат шанса преку Вардар и да се продадат и да играат во некој поголем клуб во Европа. Оттука успеавме да најдеме некој баланс, нормално со разговори и со раководството и со сопственикот, кој нѐ уверува дека многу брзо ќе се реши ситуацијата. Едноставно, ние не очајуваме, се надеваме дека сето тоа брзо ќе се реши, а кога излегуваме на терен ги тргаме на страна проблемите и мислите ни се само на спортскиот дел“.
Вардар е во тешка финансиска криза, фудбалерите немаат земено пари, а резултатите покажуваат сосема спротивно – мотивирани играчи и прво место на табелата. Која е тајната на успехот? Како всушност незадоволството кај играчите за неисплатените плати се претвора во мотивација за победи?
„Баш тоа што го кажав претходно, едноставно решени сме да се концентрираме кога ќе излеземе на терен. Ние дискутираме за ситуацијата во соблекувалната и нормално е да се каже за тоа, но кога ќе излеземе на терен играчите се фокусирани само за работа на тренинзите и на мечевите. Јас ќе кажам, сето ова досега е само нивна заслуга! Ќе кажам само дека јас сум само еден мал дел од мозаикот со мојот стручен штаб. Сето ова е заслуга на фудбалерите, тие го носат огромниот товар во Вардар и јас сум едноставно без зборови како тоа незадоволство го преточуваат во позитивна енергија на терен – да гинат еден за друг, да даваат секојпат сè од себе... Секоја чест за фудбалерите. Јас им симнувам капа за нивниот ангажман, за нивната борба за клубот, што е невидено во досегашната историја во Македонија. Се надеваме дека спортски ќе продолжиме и дека ќе бидеме уште подобри, а финансиски ќе се стабилизира ситуацијата и со нетрпение го чекаме тој момент“.
Кога првпат седнавте на клупата како тренер со Пјуник, дебито беше неуспешно, а по него на прес-конференцијата посочивте дека тимот мора да донесе две-три засилувања, ако сака да се бори за трофеи. Преодниот рок поради беспарицата практично беше преспан, засилувања немаше. Што се случи – Вардар, сепак, имал доволен квалитет?
„Добро би ни дошле во секој случај два-три играчи особено на позициите на кои имаме дефицит. На пример Исени веќе подолго време е повреден, а како класична 'десетка' го имаме само Јуфо и немаме замена за него. Значи кога тој е во лоша форма или кога е повреден, ние немаме алтернатива. Јас стојам на тоа дека Вардар има солидна екипа, дека има екипа која има добар баланс, фудбалери кои имаат играно во странство, играчи кои се тактични мудри, зрели и интелигентни, меѓутоа добро би ни дошла конкуренција. Не знаеме каква ќе биде ситуацијата после декември, а моја желба е да имаме уште 2-3 играчи. На пример немаме лев бек, освен Филип Антовски, кој е конкуренција за оваа позиција, а со тоа што и тој беше повреден, мора од 'деснак' да правиме лев бек... Но, тоа е што е, ситуацијата сега така налага и мора да се привикнеме на неа.
Поразот од Пјуник го најави хаосот во Вардар. Сега кога гледате од оваа перспектива после шест победи во осум меча, Ве тера ли на размислување, дека Вардар можеше подобро и многу повеќе во Европа и со овој тим кој го имаше на располагање?
Можеби јас го преземав Вардар во многу незгоден момент, но после четири години во клубот, газдата на клубот ми даде уверување дека ќе се надградувам како тренер. Ете, јас имав можност да работам со добри тренери, учев од секој по нешто, најдоброто од нив го собрав, плус во фудбалската кариера имав можност да работам со врвни тренери и секој што сака да работи како тренер мора постојано да се усовршува. Од оваа гледна точка, можеби, а не знам колку е тоа паметно да се каже, ама тоа испаѓање од Пјуник малку нѐ отрезни за да сфатиме дека не треба да живееме од минатото и од тоа што лани игравме во Лига Европа. Од едноставна причина зошто од таа екипа повеќе од 70-отсто ја нема. Пред сѐ, тука мислам на Фелипе, Грнчаров, Спировски, Николов, Блажевски, Џигаури... Глупаво е да кажам дека беше добро што испаднавме, ама сигурно беше добра шлаканица да научиме дека Вардар полека треба да се консолидира, дека е клуб во кој некогаш за новинарите поважен е тренингот на Вардар отколку некој меч друг клуб. Ги засукавме ракавите, решивме да отвориме нова страница и ете сега за сега сето тоа добро функционира. И се надеваме дека ќе продолжиме во овој стил.
Вардар во новата сезона тргна со нов лик и подмладена екипа со најава дека дел од талентираните младинци полека треба да се вклопуваат во тимот за да бидат иднина. Во последно време се помалку од тие младинци се во тимот. Што е причината? Добрата серија која бара во битката за првото место со поискусни фудбалери или младинците не се сè уште толку зрели за да може да понесат таков товар?
„Овие деца, буквално сите, од Талески, Бериша, Бојан Колевски кој го отстапивме, Антовски, Тодоровски, кој е стандарден и останатите, се деца кои имаат квалитет и со нив треба да бидеме многу внимателни. Вардар е голем товар и доволно е некој од нив да одигра два меча лошо и да влезе во една така да кажам „фудбалска дупка“, после е тешко да го извадиме. Јас размислувам подобро тоа дете да одигра 90 минути за У19, отколку пет минути за сениори. Полека, полека некои добиваат шанса. Талески врза два-три меча, Тодоровски е стандарден, полека ќе го етаблираме и Бериша во првиот тим. Јас сакам да одиме чекор по чекор, сите деца знаат дека имаат поддршка од сите, знаат дека се во клубот и дека полека сите ќе ги етаблираме и ќе бидат стандардни првотимци. Мое размислување е подобро некогаш, како во случајот со Бојан Колевски, да го пуштиме да одигра една сезона било каде (во Прва или во Втора лига) за да собере 20-30 настапи и после да го земеме. Можеби така е најдобро, зошто сите големи клубови ова го практикуваат“
Следуваат дуели со Македонија ЃП и Академија Пандев, по што има пауза пред второто дерби со Шкендија во Скопје, што е голема шанса Вардар уште повеќе да избега на табелата.
„Ние одиме од меч за меч. Прво ни доаѓа куп-реваншот со Македонија ЃП и сакаме тоа што го пропуштивме на домашен терен сега да го исправиме. Јас пак ќе кажам, а фудбалот се покажал многупати како таков, против Македонија ЃП во тој прв меч во Купот го одигравме најдобриот меч досега, створивме преку десет шанси, но остана 1-1. Сакаме сега тоа да го исправиме. Потоа играме меч со Академија Пандев (второпласирана досега во Првата лига – н.з.), која е едно од најпријатните изненадувања сезонава и секако дека сакаме да победиме, нема тука некои други калкулации за нас, зашто можеме да го зголемиме бодовното салдо. Потоа следи добредојдена пауза за добро да се одмориме, пред сѐ на психолошки план, зашто имавме многу мечеви среда-недела во овој краток период и потоа мирно да ја пречекаме Шкендија. На тој меч со Шкендија според мене со една победа значително ќе се одлепиме. Не мислам дека со тоа ќе биде готово за титулата, меѓутоа во ситуација кога играме три меча по ред во првенството дома (Академија Пандев, Шкендија, па доаѓа и Ренова – н.з.) мора да го искористиме домашниот терен“.
После оваа серија и прво место има ли Вардар капацитет за титула?
„Да! Има капацитет секако. Пак ќе кажам добро би ни дошле неколку засилувања за да ја зголемиме конкуренцијата на секоја позиција и со голема веројатност, не велам 100 посто сум сигурен, Вардар може да биде шампион! Се надеваме дека ситуацијата ќе се среди уште порано, за да може во мир да ги играме останатите мечеви“