Вардаровите навивачи се бунат: Ако не, воведете и полициски час поради коронавирусот!

Вардаровата навивачка група Пиво, како дел од најверните Комити експресно после препораката на Владата и одлуката на ФФМ да се одиграат претстојните мечеви без публика, а утре црвено-црните играат дерби со Работнички бесно и гневно реагира на – трагикомедијата што се случува.

Навивачите посочуваат дека од еден заразен од коронавирус кој е во карантин се направи таква драма, по која практично се заклучуваат спортските објекти, за разлика од Европа, каде што има повеќе случаи, па и жртви од новиот коронавирус, но фудбалски мечеви се играат и тоа со публика (освен во Италија каде што во најголем дел се мечеви без гледачи“).

Целата реакција на подгрупата „Пиво“ и ја пренесуваме во целост во која побараа од Вардар да испратат – протесна нота.

„Не се мешаме и не сакаме да се мешаме во глупостите од страна на Владата, но кога сме засегнати и ние, како фудбалски навивачи, должни сме да реагираме. Не дека тоа би променило нешто, но сепак некогаш е доволно и да се изрази некаков револт против ваквите траги-комични одлуки, кои се поддржани и од самата ФФМ.

Имено, како што сме запознаени сите, во Македонија се појави еден (со бројки: 1) случај на коронавирус и поради тоа цела земја испаничи, како да е крај на светот. Деновиве наназад имаше натпревари во Лигата на Шампионите и Лига Европа, на коишто присуствуваа и по 70,000 публика на еден натпревар, вклучително и гостински навивачи, и тоа во и од земји кадешто коронавирусот има земено и жртви и стотици заразени. Прашањето е, како може овде во Македонија да добиваме препораки од Владата или ФФМ за фудбал пред празни трибини, на кои, патем, има неповеќе од 1,000 гледачи на натпревар, а имаме само еден случај на заболен од вирусот, кој истиот е во карантин? Па вчера полна сала имаше на една од најголемите манифестации во Македонија, но не видовме никакви препораки за таа да се одржи без публика.

Се надеваме дека и ФК Вардар ќе излезе со протестна нота против овие глупости.

Срам жив, како и за неспособната Влада, така и за самата неспособна и криминална федерација.

Ако не, слободно нека воведат и полициски час, затоа што на глупостите нивни им нема крај“, се вели во реакцијата.