Вардарци конечно почнаа со подготовки, закажаа и три контролни средби (ФОТО)

Најтрофејниот македонски клуб Вардар денеска конечно ги почна подготовките за пролетниот дел од сезоната и закажа три контролки преку кои ќе се гради формата до стартот на пролетниот дел закажан за 19 февруари.

Црвено-црните кои минуваат низ старите проблеми со финансиите, па сериозно задоцнија со почетокот на подготвителниот период, сега забрзано ќе треба да се подготват за новите предизвици, после добрата есен во која беа второпласирани во Втората лига, само со бод заостаток зад лидерот Гостивар.

Вардарци до почетокот на пролетниот дел ќе имаат тестови во сабота против братскиот Тетекс (4 февруари), а ќе одиграат контролни мечеви и со прволигашот Скопје на 8 февруари односно соседскиот ривал Работнички на 11 февруари, преку кои тренерот Бобан Грнчаров ќе ја бара формата на екипата за продолжението од сезоната.

Вардар зимава остана без низа важни играчи пред се дефанзивецот Никола Ристески кој замина во Силекс, потоа напаѓачите Симеон Христов кој замина во ривалскиот Гостивар и екс-репрезентативецот Кире Маркоски кој се врати во Работнички, како и младиот Ерен Парталко кој потпиша со Пелистер.

Иако Вардар се соочува со огромни проблеми, црвено-црните најавуваат дека целите остануваат исти за сезонава, а тоа е враќање во прволигашкото друштво, за кое им е потребно да се меѓу првите два тима за директен пласман или со трето или четврто место потоа преку бараж да стигнат до кам-бек во домашната елита.