Вардар со најтешка задача во Купот од сите прволигаши – мора да го освои Ѓорче Петров

Веќе 11 години најтрофејниот македонски клуб Вардар чека на трофеј во Купот на Македонија, па попладнево црвено-црните ќе го имаат најтешкиот предизвик од сите прволигаши во осминафиналето во најмасовното натпреварување, за да го освојат Ѓорче Петров во реванш мечот против незгодната Македонија ЃП.

Шест прволигаши со победите во првите мечеви со една нога веќе се во четвртфиналето на Купот на Македонија, а од нив само Шкендија денеска гостува и тоа кај пехчевски Кит Го со предност од два гола (2-0). Сите останати сооглед на триумфите и домашните терени, не би требало да имаат проблеми за да го заверат пласманот меѓу најдобрите осум, каде веќе еден клуб е пласиран и тоа второлигашот Кораби, кој беше слободен во оваа рунда.

Највозбудливо во денешните мечеви ќе биде во Ѓорче Петров, каде Вардар ќе мора да победи или да одигра реми со повеќе голови, откако во Маџари пред две седмици, црвено-црните и „лавовите“ ремизираа 1-1. Вардар од 2007 година не стигнал ни близу за да се бори за куп-трофејот, па ако сака да ја прекине лошата традиција во ова натпреварување, ќе мора да ја потврди добрата форма и денеска, откако во првата лига запиша четири победи во низа и е лидер на табелата. Сепак, вардарци годинава имаат доста мака со ѓорчепетровци, зошто во првенството едвај победија, ремизираа во првиот куп меч, а загубија две контролни средби во овие три месеци и Македонија ќе се обиде да ја направи првата сензација во оваа рунда, откако во претходната испаднаа Шкупи и Ренова.

„Можеби Македонија ЃП е во мала предност поради домашниот терен и ремито од првиот меч, но тоа ништо не мора да значи. Ние секој меч сезонава го играме на неутрален терен и некако се навикнавме, па се надевам дека денеска ќе поминеме и до крајот ќе се радуваме на куп-пехарот, кој би бил трет во мојата кариера. Очекувањата во Вардар секогаш се големи. Имаме 1-1 од првиот меч, што значи мора да дадеме гол, а верувам дека тоа ќе го сториме. Во добра форма сме и верувам во добар резултат и продолжување на добрата серија“, вели Кристијан Тошевски, десниот бек на црвено-црните.

КУП НА МАКЕДОНИЈА, РЕВАНШ ОСМИНАФИНАЛЕ

ТУРНОВО: Академија Пандев – Брегалница (6-2)

СТРУМИЦА: Беласица – Пелистер (2-0)

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Македонија ЃП – Вардар (1-1)

КРАТОВО: Силекс - Скопје (2-0)

СКОПЈЕ: Работнички – Тиквеш (1-0)

МОГИЛА: Победа – Гостивар (2-1)

ПЕХЧЕВО: Кит Го – Шкендија (0-2)

Директно во четвртфинале се пласира слободниот Кораб