Најтрофејниот македонски клуб Вардар и по 11 години остана без шанса да го освои трофејот во Купот на Македонија, откако денеска со „комбинираниот тим“ во Ѓорче Петров се откажа од битката за пехарот и со поразот со 1-2 од Македонија ЃП го заврши овосезонскиот настап во најмасовното натпреварување.

Вардар со елиминацијата практично фрла сè на една карта, да се бори за титулата во Првата лига, каде што е лидер, па денеска со преполовен тим, без двајцата најдобри Тигран Барсегјан и Евгениј Новак, без Филип Гачевски, но и без Попов, Лира и Брдаровски на клупата, Вардар загуби со два гола, кои им ги даде нивниот поранешен фудбалер Христијан Кировски.

Можеше Вардар да стигне до четвртфиналето, ако Кларенс Битанг и Матеј Цветановски беа поприсебни во зицер-позициите при 1-1 на стартот на вториот дел, но Стојан Димовски двапати одбрани, па Кировски со вториот гол во 62-та минута донесе второ водство за „лавовите“ и триумф на крајот.

Претходно, Кировски го отвори мечот по 15 минути игра, а откако Вардар промаши две шанси, до израмнување стигна по половина час игра преку младинецот Џемал Ибиши.

Шкендија лесно го запечати пласманот во следната рунда во Пехчево кај Кит Го, па победи убедливо со 5-0, но мечот го реши во првите половина час од мечот кога тетовци дадоа три гола, а деби погодок имаше и летното засилување Самир Фазли.

Без големи изненадувања, пласман обезбедија сите прволигаши во останатите пет меча. 

КУП НА МАКЕДОНИЈА, РЕВАНШ ОСМИНАФИНАЛЕ

Академија Пандев – Брегалница 0-1 (6-2)

Беласица – Пелистер 3-1 (2-0)

Македонија ЃП – Вардар 2-1 (1-1)

Силекс - Скопје 2-1 (2-0)

Работнички – Тиквеш 1-1 (1-0)

Победа – Гостивар 4-1 (2-1)

Кит Го – Шкендија 0-5 (0-2)

Директно во четвртфинале се пласира слободниот Кораб

* во заграда се резултатите од првите мечеви