
Вардар почна да ги исплаќа долговите!
Вардар веќе подолго време е во голема финансиска криза поради која се закануваше да се разгори ситуацијата, па надежите во младинската школа да немаат тренери и да бидат откажани сите тренинзи, но денеска таа криза стивна откако раководството исплати речиси половина од големиот долг. Сите вработени тренери имаа побарувања од по седум плати со што актуелното раководство започна да ги исплаќа наталожените долгови што ги има.
Најавено е дека во брзо време дел од долговите ќе се исплатат и кон фудбалерите, а конечното расчистување на долговите ќе се случи до крајот на годинава. Од претходно е најавено дека рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, ќе го врати клубот на град Скопје, од каде што го превзема во јануари 2014 година, но за тоа ќе мора да ги исчисти сите долгувања.
Вардар од летоска влезе во голема криза по елиминацијата од Пјуник, по што сметката на клубот беше блокирана за неплатена кирија за користењето на Арената „Филип Втори“, а фудбалерите буквално играа бесплатно за клубот, а плата немаа земено ниту вработените, ниту тренерите во школата.
Црвено-црните во изминатиот период ја преживуваат најголемата криза од сезоната 2010/11, а навивачите стравуваа дека може да се повтори црното сценарио на клубот, кога испаѓаше од Првата лига (се спаси со фузија). Денеска навивачите на Вардар со соопштение поставија многу незгодни прашања до управата и побараа јавни одговори за случувањата во клубот.