Навивачите на Вардар ѝ го „плеснаа“ на управата: Дали Самсоненко беше нечија марионета?

Големата криза која го зафати најтрофејниот македoнски клуб Вардар од летово силно ги погоди и навивачите на црвено-црните.

Една од подгрупите на Комити, кои во тешкиот период на клубот се најбројни на трибините на мечевите на својот миленик, денеска преку официјално соопштение со директни обвинувања и прашања, побараа одговори од раководството на клубот за целокупната состојба.

Соопштението на групата ви го пренесуваме во целост.

„Почитувани Вардарци,

На сите нам ни е повеќе од јасно дека ситуацијата во ФК Вардар не е сјајна и иднината на клубот е неизвесна и е доведена до знак прашалник дали клубот воопшто ќе опстои во наредниов период. Се надеваме дека не е така, но реалноста го покажува сосема спротивното.

Поради оваа ситуација, би сакале да упатиме остри критики кон раководството на Ф.К. Вардар, кое последниве неколку месеци, ако не и повеќе, воопшто не се појави на прес и јавно да ги соопшти проблемите со кои се соочува клубот и неговата иднина, откако сопственикот Сергеј Самсоненко и официјално најави напуштање на клубот до крајот на оваа година. Ако сте вие дел од раководството и управа на клубот, тоа не ви дава на право да ги криете проблемите со кои се соочува клубот и да се криете од јавноста, на која и' должите големи објаснувања. Клубот не е ваша сопственост, вие сте таму само од свои лични причини и ништо повеќе, бидејќи доколку бевте загрижени за Вардар и го сакавте клубот, како што ги сакавте финансиите на газда Самсоненко, тогаш ќе направевте нешто повеќе за клубот, бидејќи освен пари за свој џеб, ништо конкретно не направивте за клубот да оди во добар правец, како и што му доликува на еден клуб од рангот на Вардар.

Ланската година клубот доживеа 70 години постоење, но вие, како најзасегнати, не организиравте никаква прослава да се одбележи тој јубилеј; напротив, се оправдавте (да не кажеме излажавте) дека поради густиот распоред на Ф.К. Вардар со влегувањето во Лига Европа - за прв пат во историјата на македонскиот фудбал еден клуб да биде дел од таа „елита“ - наредната, односно оваа година ќе сте правеле прослава, што е несфатливо и нелогично, но еве годината скоро помина, а клубот е речиси пред распад. Исто така и за големата незаинтересираност на управата на Вардар да направи една монографија за клубот по повод јубилејот, како и за фактот дека за 70 годишнината на Ф.К. Вардар документарен филм требаше да прави една странска телевизија, а вие како раководство не појавивте никаква заинтересираност барем да се појавите на премиерата или да дадевте свој став околу тоа. Буквално со прст не мрднавте.

Летово Вардар доживеа дебакл од Пјуник, но спортскиот директор на Ф.К. Вардар, популарниот Кобра, беше презафатен со Мундијалот и зошто Аргентина изиграла толку слабо. Најдобрите играчи од клубот ги отпуштивте без образложение и без пари. Првенството го почнавме на друг „стадион“. Играчите, секоја им чест, играа без денар неколку месеци, но сигурно ќе си отидат во прва прилика, што е сосема оправдан потег. Па кој би играл за без пари и со лажни ветувања за исплати и премии, со неизвесна иднина? Да не збориме и за сомнителните „засилувања“ во клубот последните неколку години. Дали и кај вас доцни платата неколку месеци?

Ова е само еден мал дел од огромниот број на проблеми со кои се соочува клубот, а вас никаде ве нема ни да кажете збор-два и воопшто не ви е гајле за состојбата и иднината на клубот. Затоа, бараме од вас да излезете на прес и да ги кажете на јавноста сите проблеми со кои се соочува клубот, да се проба да се најде решение за проблемите и да си поднесете оставки. Вардар бил и во поглема криза од оваа, нема да биде прв пат навивачите да го водат клубот и да плаќаат за судии и за прашаци, доколку е тоа потребно, без разлика дали ќе биде тоа Прва, Втора или Трета лига. Така да, клубот воопшто не зависи од вас.

Воедно, најпоставуваното прашање последниов период е дали Самсоненко беше само една марионета на некои поединци или структури, со цел да направат свој личен профит преку клубот? Веројатно ќе се најде некој да проговори за оваа проблематика и да го потврди или демантира тоа што ги мачи сите искрени Вардарци.

Доста беше молчење, бараме одговори и одговорност“, се вели во обраќањето на навивачите.