Најтрофејниот македонски клуб Вардар ја забележа петтата победа во низа откако попладнево во дербито на водечките триумфираше убедливо со 3-0 против Академија Пандев за да го заокружи одличниот прв круг во прволигашката сезона и со седум бодови предност да го пречека првакот Шкендија за две недели во второто сезонско дерби во Скопје на отворањето на вториот круг сезонава. Тетовци денеска трет меч по ред не победија и ремизираа 2-2 во градското дерби со Ренова.

Црвено-црните денеска повторно одиграа на ниво и покрај големата криза на првиот бренд во земјава, па Дарко Мицевски од пенал по половина час игра и со два гола на Владица Брдаровски во последните 17 минути пред крајот за да се забележи петтата победа во низа. Четврти меч по ред Вардар не прима гол, а Филип Гачевски беше совладан само од Шкупи во серијата од пет победи во низа, што е доказ дека цврстата одбрана е основа која носи стабилност на тимот, а нападот успева да ги искористи своите шанси за да донесе три бода.

Победата на Вардар е уште поголема, откако Шкендија и Ренова во тетовското дерби ремизираа 2-2, по што црвено-црните сега избегаа на седум бода предност пред второто сезонско дерби за две недели по репрезентативната пауза. Шкендија покажа дека се наоѓа го голема криза, зошто ова е трет меч по ред без победа за првакот, а Егзон Бејтулаи со бомба на 11 минути пред крајот го спаси својот тим од пораз откако Влатко Стојановски за една минута даде два гола за да го сврти мечот во корист на „гипсарите“ во воведните десет минути од вториот дел. Претходно Бесарт Ибраими погоди за водство на Шкендија.

Скопската пресметка на Чаир заврши без победник 1-1, на дебито на Умит Каран за нов тренер на Шкупи, Беласица во самиот финиш од мечот се спаси од пораз и ремизираше 1-1 со Силекс, по што кратовци и чаирчани остануваат заковано на последните две позиции.

Со евроголот на Боби Божиновски во 36-та минута, Македонија ЃП стигна до нова голема победа против Победа, само за да се дополни впечатокот за добрата форма на „лавовите“, кои пред три дена го елиминираа Вардар од Купот на Македонија.

ПРВА ЛИГА, 9. КОЛО

Вардар – Академија Пандев 3-0 (1-0)

Мицевски 30 п., Брдаровски 73, 84

Беласица – Силекс 1-1 (0-0)

Балдовалиев 86 п. - Георгиев 62

Македонија ЃП – Победа 1-0 (1-0)

Божиновски 36

Шкупи – Работнички 1-1 (1-0)

Димитровски 8 аг. - Петковски 63

Шкендија – Ренова 2-2 (1-0)

Ибраими 23, Бејтулаи 79 – Стојановски 54, 55

ТАБЕЛА: Вардар 23 бода, Академија Пандев 16, Шкендија 16, Победа 11, Ренова 11, Работнички 11, Беласица 10, Македонија ЃП 10, Силекс 7, Шкупи 6.