НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Најтрофејниот македонски клуб Вардар стигна до четвртата победа во серија и денеска го освои „жешкиот“ Чаир со победата со 2-1 со што дојде на само бод од врвот во Првата лига, по ремито на лидерот Академија Пандев во Струга и поразот на Македонија ЃП во малото скопско дерби со Работнички со 0-1. Во ова вонредно шесто коло во Првата лига, втора победа запиша Шкендија во градската пресметка со Ренова со 2-0.

Вардар после април 2017 година успеа да го освои жешкиот терен на лутиот ривал Шкупи и тоа со два моменти во кои клучен беше бразилецот Жуниор, кој втор меч по ред е човекот што е решавачки фактор за триумф на црвено-црните. Ако Жуниор пред четири дена даде два гола за победата на Вардар против Струга (3-0), сега левиот бек беше тој што ги „подготви“ двата гола за триумфот. Прво во 11-та минута му одзема топка на Бојан Георгиевски за да му асистира на Матеј Цветановски за водство, а потоа во 60-та минута изнуди пенал по стартот на Мевљан Адили врз него, кој Дарко Мицевски во 61-та минута го реализираше.

Вардар и Шкупи попладнево одиграа подпросечен меч, без премногу возбудувања, но и без преголема жестина за разлика од минатите мечеви на Чаир, а брзото водство од „без шанса“ на вардарци ги олади чаирчани, кои пак и не покажаа доволен квалитет за подобар резултат, иако притискаа, се обидуваа да стигнат до израмнување, но освен две полушанси на Дијак и Сержињо, не направија ништо повеќе. А, кога дојде пеналот и дуплирањето на предноста Шкупи тотално се изгуби, а Матеј Цветановски пропушти за две минути да ги наполни на средина од вториот дел. Прво лоши изреагира кога прими топка на 16 метри, а потоа Тулио му одбрани чист гол од пет метри.

И кога чаирчани беа паднати, Вардар сам ги врати во игра. Грешно додавање на Филип Гачевски донесе акција за враќање во живот и погодок во 71-та минута на Бесир Исени, бившиот вардарец, кој лани се врати во старото јато. Но, ако сите очекуваа Шкупи сериозно да притисне, тоа не се случи, но и Даниел Аврамовски во завршницата не искористи зицер (Тулио одбрани чист гол) за да го реши мечот.

И малку фалеше на крајот Шкупи да се избори за бод и да ги казни промашувањата на вардарци, но Филип Гачевски во 91-та минута со врвот на прстите и спектакуларна одбрана спречи гол по шутот од 16 метри на Дембо.

Тетовска Шкендија во последните четири минути ја скрши Ренова за да запише втора победа во низа во градското дерби под Шара, во кое 86 минути имаше промашувања, посебно на домашниот Садики кој промаши и празен гол и цела топка, за Арменд Алими со гол на четири минути до крајот да ја најави победата, а Бесарт Ибраими да ја запечати во втората минута од судиското надополнување.

Работнички ја победи Македонија ЃШ минимално со 1-0 со гол на Марковиќ по еден час игра, кој практично се извади за промашениот пенал на стартот на вториот дел (Марко Јовановски му го одбрани ударот). Силекс го сомле Борец со 3-0, па така велешани повторно се вратија на дното по триумфите на „романтичарите“ и на кратовци.

Во Струга, Академија Пандев остана непоразена и во пресметката со Струга Трим Љум освоија по еден бод во единствениот меч на кој немаше голови.

ПРВА ЛИГА, 6. КОЛО

Шкупи – Вардар 1-2 (0-1)

Исени 72 - Цветановски 11, Мицевски 61 п.

Работнички – Македонија ЃП 1-0 (0-0)

Марковиќ 63

Ренова – Шкендија 0-2 (0-0)

Алими 86, Б. Ибраими 90+2

Силекс – Борец 3-0 (2-0)

Серафимовски 18, Костовски 43 п., Ивановски 80

Струга Трим Лум – Академија Пандев 0-0

ТАБЕЛА: А. Пандев 14, Вардар 13, Македонија ЃП 11, Шкупи 8, Струга ТЛ 8, Шкендија 7, Ренова 7, Силекс 6, Работнички 6, Борец 4.