Вардар Форино не дочека ни зима, а се откажа од Втората лига

Вардар Форино амбициозно најавуваше борба и за пласман во Првата фудбалска лига во Македонија, ама овој клуб не дочека ни зима, а веќе се откажа од второлигашката конкуренција, откако денеска не го одигра мечот со Влазерими од 12-то коло и практично уште од вчера од овој клуб најавија дека нема да играат.

Нов циркуз се случува во макеоднскиот фудбал, како пред неколку години, кога Хоризонт Турново, поранешниот македонски европретставник реши да се повлече од второлигашката конкуренција поради беспарица, па сега и клубот од Форино заминува во историјата со неодигрувањето на денешниот меч, кој е само вовед дека сезонава Втората лига Запад ќе се доигра со девет екипи.

Вардар Форино нема финансии за да го продолжи натпреварувањето, а во оваа корона-криза веќе еден второлигаш згасна уште во април, кога Лабуништа, екипа која играше и бараж за влез во прволигашката конкуренција, се распадна, па сега овој клуб се фузираше со Тетекс, за македонскиот фудбалски бренд да се врати во Втората лига.

Откажувањето на тимот од Форино повторно ја отвара старата рана во македонскиот фудбал и стерилноста на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), која само немо следи што се случува во домашниот фудбал, без идеја и план за одржување на стабилноста на барем двете лиги кои ги организира.