Вардар доби(ва) уште еден гигант за спонзор, а првпат ќе игра и во – жолти дресови!

Најтрофејниот македонски фудбалски колектив, тимот на Вардар, денеска го промовира спонзорството со компанијата „Новоматик“, но и дресовите со кои ќе настапува во новата сезона, кои открија дека зад него ќе стои и уште една голема компанија.

На еден од ракавите на дресовите стои логото на „Алкалоид“, која со ова уште еднаш покажува дека е еден од најголемите поддржувачи на македонскиот спорт. Истовремено, на промоцијата стана јасно дека вардарци следната сезона првпат во историјата ќе играат и во жолти-дресови, кои ќе бидат трета опција за тимот предводен од Гоце Седлоски.

Вардар како победник во Купот на Македонија ќе игра во квалификациите за Конференциската лига и тоа против Ла Фиорите од Сан Марино. Првиот меч ќе се одигра задутре (четврток) во Скопје, додека реваншот е седум дена подоцна на теренот на противникот.