Вардар бара петти триумф во низа, за да ја дочека Шкендија налмалку со пет бода предност!
Вардар попладнево (15 часот) ќе ја пречека Академија Пандев на стадионот „Борис Трајковски“ во населбата Маџари, што е дерби на двата водечки тима, особено по импресивниот настап досега на струмичани во прволигашката конкуренција и тие се најпријатното изненадување. Иако Вардар е во тешка финансиска ситуација, резултатски сето тоа не се одразува негативно во таборот на најголемиот макеоднски бренд, па денеска црвено-црните ќе атакуваат на петти триумф во низа со што ќе ѝ избегаат на Академија Пандев, а најмалку ќе останат на дистанца од пет бода позитива во однос на Шкендија, која игра градско дерби со Ренова во Тетово.
Откако пандевци лани дебитираа во прволигашката конкуренција, само еднаш струмичани успеаа да освојат бод во четирите пресметки со најголемиот македонски клуб. Двапати загубија кога гостуваа (3-2 и 3-1), а дома еднаш одиграа реми 1-1 и еднаш загубија со 0-2. Ова е податок кој покажува дека Вардар умее против младиот состав на Академија Пандев.
Шкендија ќе ја пречека незгодната Ренова со желба да се врати на победничкиот колосек во прволигашкото друштво, откако 180 минути тетовските црвено-црни не знаат да дадат гол и во двата кикса (освоен само бод) со Победа и Академија Пандев се најдоа пет чекори зад Вардар. Но, Ренова, која стандардно лесно губи од Шкендија влегува во градското дерби осоколена по две победи со 2-0 (Академија Пандев и Шкупи) и со желба да го надмудри и градскиот ривал. Поради ова, Шкендија е под императив да победи за најмалку да остане на дистанца од пет бода од Вардар, во случај скопјани исто така да победат, зошто секој кикс на тетовци би значел голем чекор наназад во трката за титулата, а и ептен голем притисок пред дербито на 21 октомври, кога треба да му гостуваат на Вардар.
Многу возбудливо се очекува денеска да биде на Чаир, каде два грогирани скопски ривали ќе се соочат во битка за излез од кризата. Шкупи со новиот тренер Умит Каран ќе се соочи со Работнички, кој пак пет меча не знае за победа. Чаирчани се последни, па ќе посакуваат да го напушат дното, а Работнички ќе се бори за да остане меѓу првите четири екипи во лигата и пресметката на овие дбва тима ја днадополнуваат интересната програма од деветтото прволигашко коло.
Во последните два меча, Беласица по серија од пет меча без пораз (две победи) го дочекува Силекс, кој од неодамна има исто така нов тренер и кратовци ќе се обидат да се вратат на победничките патеки во лошата серија во која од последните пет дуели на три загубија. Македонија ЃП ќе ја пречека Победа на својот стадион, а „лавовите“ се силно мотивирани за нов триумф откако неделава успеаа да го елиминираат Вардар од Купот на Македонија.
По ова коло, кое повторно се игра в сабота на барање на селекторот Игор Ангеловски поради стартот на подготовките в понеделник на македонската фудбалска репрезентација, следува двонеделна пауза во домашниот шампионат.
ПРВА ЛИГА, 9. КОЛО
МАЏАРИ: Вардар – Академија Пандев
СТРУМИЦА: Беласица – Силекс
ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Македонија ЃП – Победа
ЧАИР: Шкупи – Работнички
ТЕТОВО: Шкендија – Ренова
ТАБЕЛА: Вардар 20 бода, Академија Пандев 16, Шкендија 15, Победа 11, Ренова 10, Работнички 10, Беласица 9, Македонија ЃП 7, Силекс 6, Шкупи 5.