Укинат фудбалот во речиси цела Источна Македонија! (ФОТО)

Откако пред еден месец Агенцијата за млади и спорт (АМС) почна да расчистува со т.н. Фантомски општински сојузи и почна да ги одзема решенијата за дејност спорт на три од 26-те ОФС, од денеска три нови општински сојузи практично не постојат и тоа сите три од – источна Македонија.

АМС со одлуки ги поништи решенијата за дејност спорт во оштинските сојузи во Кратово, Штип и Свети Николе, па практично со ова се укинува фудбалот во речиси цела Источна Македонија.

Во трите општински сојузи по инспекцискиот надзор што го направиле надлежните институции биле констатирани неправилности и сите три ОФС-а немаат организиран систем на натпревари, по што се исполнети сите законски услови за да се поништи издаденото решение за вршење дејност спорт.

ОФС Штип е еден од најголемите фудбалски сојузи во рамките на ФФМ. Штип е фудбалски град, пред сѐ поради Брегалница, која од летово има нов спонзор во Кирил Гогов (газдата и на Кит Го) и амбиции повторно да се врати во елитата.

Но, веќе со години фудбалот во Штип е речиси замрен, па по општинските лиги се случуваат неверојатни циркузи и пародии, со фантомски составувања на записници, измислување на фудбалери колку да се прикаже дека мечот е регуларен.

ОФС Кратово е еден од фудбалските центри во Источна Македонија пред сѐ поради бившиот шампион Силекс, кој од осамостојувањето на Македонија само еднаш испадна од елитата, во Кратово одамна нема фудбал, но затоа во Управниот одбор веќе со години е Добре Иванов, алфа и омега во кратовскиот клуб.

ОФС Свети Николе одамна е во аут, како и општинските сојузи на Демир Хисар, Македонски Брод и Липково, во кои фудбал нема, но затоа даваат делегати во Собранието на ФФМ и практично со вакви „фантомски сојузи“ во кои фудбал не постои, се држи цврсто раководната структура во ФФМ

Одамна е јавна тајна дека од 26 сојузи во ФФМ, кои даваат 96 делегати на Собранието, барем половина не функционираат според Статутот, немаат организирани натпреварувања, од причина што нема доволен број на екипи за организација на општинска лига.

Со најновите три решенија за одземање дејност спорт, бројката на поништени општински сојузи во моментов е шест. Околу 14 вакви ОФС не ги исполнуваат условите за дејност спорт, па веројатно АМС ќе поништи уште општински сојузи во следниот период.