Финална битка со криминалот во ФФМ: АМС ги брише фантомските општински сојузи! (ФОТО)
ФФМ под своја закрила има 26 ОФС од кои доаѓаат 96 делегати. Најмалку половина од овие се фантомски, зашто доаѓаат од места и градови кои воопшто не смеат да постојат на фудбалската мапа на Македонија. Причината е проста - во тие ОФС не се организираат натпреварувања на локално ниво, затоа што нема доволен број или подобро кажано, нема регистрирано доволен број екипи кои би учествувале во систем на натпревари на ниво на ОФС.
А ако некаде има доволен број на клубови се случуваат куриозитети како на пример - Победа и Пелистер да немаат свои претставници во нивните матични сојузи...
Спорт1 дојде до решенија од Агенцијата за млади и спорт со кои на ОФС Демир Хисар и на ОФС Македонски Брод им се поништува решението за бавење на спорт или едноставно кажано - се бришат од фудбалската мапа на Македонија.
Како што дознаваме ова е само почеток на финалното расчистување со нелегалното раководство на ФФМ донесено од страна на мнозинство фантомски ОФС и нивни делегати. Во наредниов период ќе следи исклучување на останатите ОФС кои не ги исполнуваат условите за работа и кои не се во корелација со Законот за спорт.
Барем 14 од вкупно 26 ОФС се на "црниот" список, а оттаму доаѓаат и мнозинството делегати кои на последното Собрание на ФФМ го изгласаа Муамед Сејдини за претседател на ФФМ.
Ако ФФМ остане со само десетината ОФС кои смеат да работат и да бидат членки на Федерацијата, тоа значи дека сите одлуки донесени досега од страна на ова Собрание се нелегални и треба да бидат прогласени за ништовни.