Тетекс, Башкими и Вардар Неготино обезбедија Втора лига!

Поранешните македонски куп-победници Тетекс и Башкими и Вардар Неготино се второлигаши за новата сезона откако попладнево ги добија баражите за пополнување на второлигашкото друштво, па за да се дополни лигата за идната сезона од август ждрепката ќе решава кои два губитници од овие денешни дуели ќе обезбедат учество.

Во највозбудливиот денешен меч во Кичево, Вардар Неготино се врати во Втората лига после подолг период по пенали, победувајќи со 3-2 во ревијата утки на Новаци, со три промашувања во низа, па неготинци славеа откако минута пред регуларниот дел дадоа гол за да се изборат за пенал-рулет после водството уште од првиот дел на Новаци (1-1).

Во рулетот први промашија неготинци во втората серија, но потоа од Новаци успеаа да врзат три утки по ред, две преку гол, а еднаш одбрани голманот на неготинци и со два гола во тие три серии, Вардар дојде до победа за Втора лига.

Поранешниот двоен куп-освојувач Тетекс го прегази Осогово во скопско Маџари и со 6-1 убедливо го завери настапот во Втората лига, во меч во кој прашањето за победникот веќе се знаеше уште по првиот дел кога „штофарите“ дадоа три гола и имаа убедливи 3-0 на полувреме, па уште со три во вториот дел го дотолчија противникот.

Салии и Стојковски дадоа по два гола, Јусуфи и Кировски по еден за убедливата победа на Тетекс.

Во второлигашката конкуренција се враќа Башкими, клуб кој во минатото исто така е освојувач на Купот на Македонија, откако кумановци денеска го победија Влазрими во Тетово со 3-0.

Со два гола во првата половина од првото полувреме кумановци дојдоа до огромна предност откако Сами Аљиљи во 16-та даде прв гол за Башкими, а Егзон Азири во 23-та беше стрелец на вториот гол, по што веќе се надѕираше победникот во баражот, па во судиското надополнување Башкими даде и трет гол за потврда на победата и пласманот во Втората лига.

Поразените денеска, Влазрими, Новаци и Осогово сега на ждрепка ќе чекаат дали ќе бидат среќни или несреќни за да играат Втора лига. Само еден несреќник ќе мора во третолигашка конкуренција, бидејќи „два лаки лузери“ ќе ја дополнат второлигашката конкуренција во која во идната сезона ќе играат Скопје, Охрид, Победа, Пелистер, Детонит Плачковица, Беса, Арсими, Кожуф, Беласица, Караорман и Каменица Саса.

.