Таневски: Овој бод е успех за нас!

Македонија ЃП сезонава е најголем проблем за најтрофејниот македонски клбу Вардар, зашто од можни шест, црвено-црните против скопскиот ривал освои само еден, после денешното реми 1-1 во Ѓорче Петров, а поразот на стартот на сезоната со 0-2.

Вообичаено Вардар лесно минуваче во Западно Скопје, ама денеска „лавовите“ ги казнија промашувањата на вардарци во период кога можеа да ја запечатат победата, па стигнаа до израмнување, но имаа шанси и да победат. Со 16 бода, пет зад лидерскиот двоец Вардар и Академија Пандев, кои имаат по 21, ѓорчепетровци се трети моментно на табелата.

„Нашите мечеви секогаш се интересни, посебно овие скопски дербија, а против Вардар секогаш мотивацијата е најголема кај секој наш играч. Вардар дојде во Ѓорче како лидер, а моите момци дадоа сè од себе и јас им честитам за играта. За нас овој бод е реален успех, иако можеби можевме да ги освоиме и трите бода, ама и да изгубиме. Јас посебно сакам да ѝ честитам на публиката, а и да им честитам на сите фудбалери за начинот како играа, без опасни стартови, видовме убав меч и мислам со вакви мечеви ќе ја вратиме публиката на стадионите“, вели Александар Таневски, кормиларот на „лавовите“.

Тренерот на ѓорчепетровци посочи дека цел на Македонија ЃП, која летово беше еден од четирите наши европретставници е да се заврши полусезоната што е можно повисоко на табелата и да се освојат што е можно повеќе бодови пред скоро тримесечната пауза.

„На нас е да даваме сто отсто на секој меч и да освојуваме што е можно повеќе бодови. Наша цел е да котираме високо до крајот на полусезоната, зашто пред се тоа и ни го налагаат условите, имаме 16 бода. Но, мислам дека и заслуживме да сме на оваа позиција. За нас успех е да освоиме што е можно повеќе бодови и да презимиме што е можно повисоко на табелата“, додаде Таневски.