Спасот на Вардар доаѓа од Унгарија: Енергетски гигант го презема најголемиот македонски клуб!?
Како што неофицијално дознава Спорт1 од извори блиски на клубот, по едномесечните тајни преговори на претставниците на унгарската компанија и газдата на Вардар, било постигнат начелен договор за купопродажба на клубот сосе сите долгови. Унгарската компанија е енергетски гигант, се бави со производство и продажба на струја, а својата мрежа наскоро ќе ја рашири и во Македонија.
Неколкупати Унгарците имале состаноци за преземање на Вардар, биле решени, ако им биде прифатена понудата, целосно да го отплатат долгот на црвено-црните (се шпекулира дека сумата е околу три милиони евра) и да го обештетат и сегашниот газда, кој овие две години го оддржуваше клубот во каква-таква кондиција, со цел целосно да не згасне.
Финалните преговори и почетокот на преземањето на Вардар во унгарско владение треба да се случи во текот на идниот месец, претставници на компанијата ќе бидат во Скопје околу 10 јануари за на јавноста да ѝ ги претстават плановите како го замислуваат оживувањето на клубот. Според тоа што неофицијално го начувме, годишните инвестиции треба да бидат минимум околу три милиони евра, сума со која Вардар не само што без проблеми ќе се врати во Првата Лига, туку и пари кои на македонскиот гигант ќе му бидат доволни веднаш да се вклучи во трка за титулата.
Унгарците биле заинтересирани во нивно владение да биде и тренинг-кампот во Хиподром, кој сега е затворен, а прва цел на потенцијално новиот сопственик е враќањето на Вардар на скопската Арена, каде што клубот отсекогаш припаѓал.
За влез во Вардар изминатава година беа заинтересирани и неколку турски инвеститори, како потенцијален спонзор се споменуваше и името на авиокомпанијата „Туркиш Ерлајнс“, но од тоа не излезе ништо. Пред повеќе од еден месец и Градот Скопје изгласа еднократна помош од 250.000 евра, но поради внатрепартиските војни во Советот на Скопје и таа помош се изјалови.