
Соседска пресметка на ФФМ, во Охрид шампионот го пречекува лидерот
Скопското дерби меѓу Работнички и Вардар овојпат ќе се одигра на тренинг центарот на ФФМ, „Петар Милошевски“. Арената е затворена поради санирање на теренот во пресрет на мечот меѓу Македонија и Велс, па соседите ќе се сретнат на невообичено место за нив.
Бодовите се исклучително важни и за двете екипи, но нивните цели се различни. Работнички сака да се одржи во борбата за титулата, а Вардар да избега од местата кои водат во ранг подолу.
Црвено-црните го реновираа тимот, донесоа многу нови засилувања и сега изгледаат посериозно. Момците на Гоце Седлоски покажаа дека се поразличен тим од оној кој се мачеше есеноска, па Вардар ќе влезе со амбиција да го победи Работнички на денешниот дуел.
Работнички се наоѓа на пет бода од врвот, првото место уште е достижно, но веќе немаат право на кикс, па и тие ќе излезат на денешниот дуел со иста цел како и нивниот противник, победа.
Интересна ќе биде и пресметката крај Охридското езеро каде ќе се сретнат актуелниот шампион Струга и моменталниот лидер на табелата, тимот на Шкендија.
Струга сега е предводена од Илчо Ѓорѓиоски кој ја бара прва победа, а Шкендија е исклучително тежок противник за да се оствари тоа. Во трите кола од пролетниот дел од сезоната, двата тима имаат спротивна статистика, тетовскиот тим забележа максимални три победа, а стружани ги загубија сите мечеви и отпаднаа од трката за титулата.
Во другите дуели во Битола Пелистер ќе ја пречека Воска, Гостивар гостува кај Брера во Струмица, Беса игра на свој терен со Силекс, а Тиквеш во Кавадарци ќе се сретне со Шкупи.
ПМФЛ 22. коло, 14 часот:
Работнички - Вардар
Струга - Шкендија
Пелистер - Воска
Брера - Гостивар
Беса - Силекс
Тиквеш - Шкупи
Табела: Шкендија 46, Силекс 41, Работнички 41, Гостивар 40, Струга 32, Шкупи 31, Пелистер 23, Брера 20, Воска 18, Вардар 17, Тиквеш 15, Беса 15.