„Ситуацијата во Вардар брзо ќе почне да се средува и сите сме свесни дека ќе се подобри“

Најтрофејниот макеоднски клуб Вардар по шест кола и по повеќе од една година барем еден ден повторно е лидер во македонската Прва лига, откако вчера со 2-0 црвено-црните славеа во соседското дерби со Работнички и стигнаа до 14 бода (четири победи и две ремија).

И ако се погледне само табелата и резултатите во овие шест кола, во кои победени беа Шкупи (2-1), Работнички (2-0), незгодната Ренова (1-0) во Тетово и триумфот со Македонија ЃП (1-0), а освоен бод кај првакот Шкендија (2-2) и само еден „кикс“ со последната Беласица во Струмица (1-1), Вардар делува повторно моќно. Сликата е едноставно како во клубт сè да е средено, а фудбалерите максимално мотивирани се борад за да ги вратат пехарите кој лани им избегаа под Шара.

„Горд сум на овие момци. Задоволство и уживање е секој ден поминат со нив и се надевам дека ќе продолжиме со исто темпо и да забележуваме нови победи“, вели по добриот старт на сезоната, вардаровиот кормилар Александар Васоски.

Но, ситуацијата во најголемито макеоднски клуб е многу поинаква. Финансиските проблеми се голем товар, кои создаваат незадоволство кај играчите затоа што се доцни со платите. Но, барем на 90 минути проблемите очигледно се забораваат, мотивацијата не опаѓа за да се нижат добри резултати. Засега нејасно е што и како ќе се среди состојбата во црвено-црниот табор, а Васоски потенцира дека од идната недела полека ќе се средуваат работите.

„Самото тоа што го носат дресот на Вардар е една огромна чест за секој фудбалер и оттаму мотивацијата за мечевите и во ваква ситуација“, додава популарниот Тетовче за нималку сјајната финансиска ситуација во клубот.

„Има најави дека ситуацијата ќе се подобри и ние сме свесни дека ќе се подобри. Едноставно, знаеме дека не може туку-така да се опуштиме. Не може сега да кажеме океј не играме веќе или да се опуштиме на тренинзите. Ние си работиме максимално, чекајќи да се реши сè што ќе се реши. Вардар според мене игра добар фудбал моментално, игра рационално, знае да ги користи шансите, се браниме добро, влегуваме во една победничка серија и се надевам дека вака ќе продолжиме“, потенцира Васоски.

Вардаровиот кормилар, кој своето деби го имаше на реванш мечот летово со Пјуник во Лига Европа, посочи дека најавите се дека од идната недела ќе почне средувањето на состојбите во клубот.

„Има најави дека ќе се среди ситуацијата. Веќе од наредната недела полека ќе се средуваат работите во од, а ние ќе си играме и ќе продолжиме и понатака“, додава Васоски.

По елиминацијата на Вардар летово, само една година откако беше испишана најубавата страница со настапот во Лига Европа, избувна голем хаос во црвено-црните со блокирањето на сметката, финансиските долгови кон играчите, како и најавата дека до декември годинава Сергеј Самсоненко ќе го врати клубот на владеење на град Скопје.