Шкупи пред распаѓање, ќе оди ли по стапките на Гостивар и Воска?

Алармантна е ситуација во Шкупи, фудбалерите не добиле ниту една плата во вториот дел од сезоната, а од сопствениците ни трага ни глас.

Во пролетниот дел од сезоната Шкупи бележеше катастрофални резултати, губеше речиси од кој ќе стигне, имаше серија од 11 меча без победа. Фудбалерите прикажуваа бледи игри, а сега се открива дека причина за тоа е ужасната ситуација во клубот која била актуелна во текот на целата втора половина од сезоната.

Според „Спортманиа.ал“, фудбалерите на Шкупи не добиле ниту една плата во вториот дел од сезоната. Веќе со недели нема официјална комуникација со клупското раководство или инвеститорите кои исчезнале по последното коло од сезоната.

Ситуацијата во клубот е загрижувачка и никој не знае што ќе се случи. Не се исклучува можноста клубот да го снајде истата судбина на Гостивар и Воска кои го напуштија првенството.

Шкупи во изминатите години беше еден од најдобрите клубови во лигата, се бореше за титулата и играше во Европа, а сега е во длабока криза и е неизвесно кога и дали таа ќе биде решена.