Разликата од четири бода помеѓу лидерот Шкупи и втората Академија Пандев остана на четири бода после денешните победи на двата водечки тимови во македонската елита, во 14-то прволигашко коло, во кое чаирчани без мака го торпедираа Пелистер, а Пандевци предводени од неверојатниот Мартин Мирчевски кој даде два гола славеше со фудбалер помалку против Тиквеш со 3-2.

Мартин Мирчевски уште еднаш покажа дека селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски треба да му даде шанса со повик во националниот тим, откако младиот 24-годишен напаѓач денеска даде два гола за нова победа на Академија Пандев со 3-2 во суперинтересниот меч против Тиквеш, остварена со играч помалку во последните половина час.

Мирчевски даде нови два гола и стигна до 15 погодоци сезонава во 14 кола, а ова беше негов петти меч на кој дава два гола и вкупно десетти меч на кој дава барем по еден гол, а неговиот погодок во 82-та минута за последното водство беше клучен за трите бода за струмичани. Мирчевски во 37-та минута донесе водство, но Тиквеш двапати се враќаше, прво преку Каракамишев во 39-та, па преку Нгоба во 79-та откако Радиќ вторпат доносе водство за Пандевци и тоа во момент кога Илиев беше исклучен, а струмичани на теренот останаа со десетмина.

Нгоба на две минути пред крајот имаше неверојатен зицер после додавањето на Мишов, но камерунскиот интренационалец во кавадаречкиот тим промаши и неговиот удар од седум-осум метри мина крај десниот дирек.

Чаирски Шкупи остана лидер откако без преголема мака дојде до победа против фенерџијата Пелистер со 5-0, а сѐ заврши за нешто повеќе од половина час во првиот дел, кога Матеј Цветановски даде два гола (11-та и 42-ра), а еден Кире Маркоски, па младинскиот репрезентативен центарфор Марко Ѓорѓиевски во 54-та и Константин Чешмеџиев само додадоа по уште еден за убедливиот триумф и десета сезонска победа со која разликата остана на четири бода во однос на Академија Пандев на врвот на табелата.

Ренона на крилата на својот капитен и прв напаѓач Ремзифаик Селмани кој даде два гола, го здроби Борец во Велес со 4-1 за да се зацврсти на третото место, а Шкендија ја прескокна Брегалница за четвртото место со голот на Јан Кривак после еден час игра во „пресметката за Европа“ под Шара.

Клисман Цаке со голот во 57-та минута после долга серија без триумф ѝ донесе победа на Струга Трим Лум против Работнички со 1-0, со која стружани сега скокнаа до петтото место на табелата, оставајќи ги главоболките во Дебар Маало, откако бившиот македонски првак ја запиша четвртата победа во последните пет меча.

ПРВА ЛИГА, 14. КОЛО 

Академија Пандев – Тиквеш 3-2 (1-1)

Мирчевски 37 п. 82, Радиќ 60, – Каракамишев 39, Нгоба 79

Борец – Ренова 1-4 (0-3)

Ѓорѓиев 86 - Мустафов 11, Селмани 14, 64, Џон Мена 26

Шкендија – Брегалница 1-0 (0-0)

Кривак 61

Шкупи – Пелистер 5-0 (3-0)

Цветановски 11, 42, Маркоски 37, Ѓорѓиевски 54, Чешмеџиев 85

Струга Трим Лум – Работнички 1-0 (0-0)

Цаке 57

ВЧЕРА

Скопје – Македонија ЃП 1-2 (0-0)

Јашароски 58 – Емини 67, 77

ТАБЕЛА: Шкупи 32 бода, А. Пандев 28, Ренова 25, Шкендија 24, Струга ТЛ 22, Брегалница 22, Македонија ЃП 20, Работнички 18, Скопје 16, Тиквеш 10, Борец 8, Пелистер 4.