Шкупи донесе и Бразилец: Кевен да Силва Инасио го засили средниот ред!

Актуелниот прволигашки лидер Шкупи донесе и бразилско засилување во средниот ред, откако денеска двегодишен договор со чаирчани потпиша Кевен да Силва Инасио, 23-годишен фудбалер кој доаѓа од Атлетико Монте Азул.

Кевен е фудбалер кој пред неколку години бил дел од грчка Керкира, а Шкупи во него гледа големо засилување и тандем со Костариканецот Фреди Алварез во средниот ред, во трката за освојување на шампионската титула која на Чаир се чека веќе две децении.

„Среќен сум и мотивиран што ќе играм за овој тим. Ќе работам напорно и ќе дадам сѐ за овој дрес. Целите на Шкупи се јасни и затоа сум тука. Ќе се бориме за титулата и јас сум убеден дека навивачите на крајот ќе бидат среќни и горди“, рече Кевен.

Тој е четврто засилување за чаирчани зимава откако дојдоа Ганецот Патрик Менсах, младински репрезентативец до 20 години на Гана, потоа Бесник Ферати и младиот напаѓач Азер Омерагиќ, а професионален договор со првиот тим доби и талентот Омер Сулејман, 16-годишниот фудбалер од младинскиот погон на „гулабите“.