
Шкендија врати „свое дете“ во Тетово, Тотре дојде на позајмица
Доаѓа од редовите на Ворскла, на позајмица до крајот на сезоната, кога и му завршува договорот со украинскиот клуб. Таму се пресели последново лето, од редовите на албанскиот шампион Тирана, а Украинците платија и 250.000 евра отштета за него. Меѓутоа, одигра само три меча во есенската полусезона, па ќе си ја бара старата форма во клубот во кој ги направи првите фудбалски чекори.
„Убаво е чувството да се дојде повторно дома, во клубот каде што пораснав и каде што се афирмирав како фудбалер. Шкендија има посебно место во мојот живот и многу сум среќен што ќе можам да придонесам на овој дрес повторно. Му благодарам на клубот за оваа можност и се надевам дека ќе можеме да ги оствариме целите заедно“, изјави фудбалерот на клупскиот веб-сајт.
Тотре сега има 26 години, а за Шкендија дебитираше на свои 17. Одигра седум сезони, за кои освои три првенствени титули и два пехари во Купот на Македонија. Замина летото 2021 во Тирана, каде што исто така стана шампион.
Тој е петто засилување за Шкендија оваа зима, откако дојдоа и албанскиот напаѓач Ералд Чинари, Методи Максимов од Работнички, Албанецот Камер Ќака, бугарскиот интернационалец Наско Милев и Босанецот Мустафа Мујезиновиќ.