Со кој ум Шкендија ни соли памет за судиски неправди?

Актуелниот македонски шампион Шкендија само еден ден после ремито 2-2 со Вардар во супердербито на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје, истрча да се пожали со соопштение дека биле тенденциозно „ограбени“ од судиската петорка на завршната есенска битка по која на пролет ќе тргнат со осум бодови негатива во однос на својот најлут ривал Вардар во трката за шампионската титула.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Шкендија двапати губеше, двапати успеа да израмни, имаше и шанса за победа, ама на крај и покрај сите кризи и проблеми што ги имаше сезонава, со сопштение ја обвини судиската петорка дека тенденциозно свирела на нивна штета. После завршената есен, според тетовци, испадна дека за мизеријата во Европа и ужасната есен во која требаше да се прошетаат до првото место, на крајот виновни им испаднаа – судиите.

„Ова не е првпат оваа сезона да има неправда против Шкендија. Сметаме дека не е тајна дека сме клуб со најмногу инвестиции во домашниот шампионат, а досега не сме реагирале на вакви поплаки со цел да се фокусираме на спортските резултати кои ги усогласување веќе подолго време како на клупски план, така и во претставувањето на националниот фудбал во УЕФА, а и во репрезентацијата“, пишаа тетовци во долгото соопштение со реакција дека во пет моменти биле драстично оштетени на дербито.

Навикнавме после секој спорен (за нив) меч, Шкендија да биде „арбитар над арбитрите“, постојано да дели „некакви лекции“ со исправно толкување на фудбалските правила во интерес на подигнувањето на квалитетот на македонскиот фудбал, со образложение дека тетовци сериозно инвестирале во македонскиот фудбал. Прашање е дали Шкендија воопшто би реагирала на судиски (не)правди од дербито, ако ситуацијата на табелата беше поинаква, тие да имаа осум бода пред Вардар? Секако дека нема, зашто историјата и тоа како го покажува тоа.

Господата од Шкендија прво треба да прочепкаат во своите редови пред да почнат да изигруваат „лидери“ и на фудбалската јавност да ѝ делат некакви лекции. Трагично е кога „европскиот клуб“ сега реагира, а премолчуваше, дури и зад грб иронично се смешкаше, кога судиите грешеа на штета на нивните противници, а во полза на тетовци.

Незаборавно е ланското прво пролетно дерби во минатата сезона под Шара, кога судиите не видоа очигледен чист гол на Вардар, а Шкендија го доби мечот и практично си ја „осигура“ втората шампионска титула по ред. Молчеа и кога судиите во Маџари во октомври лани признаа фантомски гол за нив, против Вардар во дербито кое практично беше пресвртница на сезоната. Молчеа и на последното куп-дерби, кога гледачите со свирчиња глумеа судии, па ги прекинуваа фудбалските акции на Вардар. Молчеа и кога децата што треба да фрлаат топки, магично „снемуваа“ топка или не ни сакаа да ја додадат.

Молчеше Шкендија и за „случајот младинец“ против Академија Пандев, па дури и се „закануваа“ и предвреме го објавија толкувањето кое ФФМ им го прифати за да избегнат казна. Молчеа, а потоа го оспорија и менувањето на правилникот за младинец (да се смета задолжителниот младинец само играч кој има македонски фудбалски пасош, а не на некоја друга земја, иако има документи од земјава) со образложение дека немале доволно време летово да се прилагодат на новите услови.

Очигледно е дека секојпат кога на црвено-црните од Тетово ќе им згусти, за плачки се први. Но, тогаш излегува нивната дволичност, зашто далеку се од клуб кој навистина има „европски вредности“, па се бори за подобар фудбал од кој тие навистина би имале некаков бенефит.

За да беа „голем клуб“, требаше да реагираат буквално на сè што е неправда, макар некогаш и на своја штета, за пред јавноста и пред сите ривали да излезат големи дека ним – никаква помош не им треба. Вака, предалеку се од тоа што самите се претставуваат. Со овие потези кои ги прават, никогаш нема да побегнат од префиксот - мал локален клуб, кому во даден момент му се поклопиле коцките да биде на врвот.