Шкендија официјално нов шампион, Победа им избега на ривалите за опстанокот

Тетовска Шкендија и официјално е нов македонски шампион, седум кола пред крајот на оваа сезона во домашното првенство, откако попладнево со нова победа против чаирски Шкупи ја запечати втората круна во својата историја.

Дека тетовци денеска под Шара ќе слават титула беше јасно уште пред Марјан Радески да даде гол, затоа што противкандидатот на новиот првак, Вардар по 55 минути губеше со 0-2 во Струмица од Победа, па јасно беше дека предноста на Шкендија на седум кола до крајот и теоретски стана недостижна. Но, за да ја потврдат доминацијата во сезонава, тетовските црвено-црни, кои истрчаа и со комбиниран тим против „гулабите“ ја најавија со триумф со гол на репрезентативецот Марјан Радески во 63-та минута од мечот, а ја запечати Бесарт Ибраими со гол на осум минути пред крајот.

Распродажбата на бодови од страна на најтрофејниот макеоднски клуб Вардар продолжи, па Победа запиша голема победа во трката за опстанокот, па со головите на Благојче Гешоски и на Зоран Даноски, по еден во двете полувремиња, стигнаа до прв тирумф по еден месец пауза за да им избегаат на ривалите за опстанок Пелистер и Скопје на четири бода.

Откако Пелистер доживеа дебакл од Работнички, Скопје во Кичево загуби од Академија Пандев со 0-2 со два гола во средината на вториот дел на пандевци преку Љупчо Дориев и Зоран Балдовалиев за прва победа на прволигашкиот дебитант.

Силекс го искористи домашниот терен за да запише победа против Ренова со гол на Александар Пановски на три минути пред крајот на полувремето и да ја врати разликата од шест бода во битката за третото место со дебармаалци.

ПРВА ЛИГА, 29. КОЛО

Работнички – Пелистер 4-0 (0-0)

Ангелов 54, Маркоски 65, 67, Гофри 70

Силекс – Ренова 1-0 (1-0)

Паноски 42

Скопје – Академија Пандев 0-2 (0-0)

Дориев 57, Балдовалиев 66

Шкендија – Шкупи 2-0 (0-0)

Радески 63, ибраими 82

Победа – Вардар 2-0 (1-0)

Гешоски 20, Даноски 55

ТАБЕЛА

Шкендија 75, Вардар 49, Силекс 45, Работнички 38, Академија Пандев 35, Ренова 34, Шкупи 33 (-1), Победа 29, Пелистер 25 (-1), Скопје 25.