Шкендија е најдобар македонски клуб за 2019 година со пад од – 160 места! (ФОТО)

Актуелниот македонски шампион Шкендија е единствениот клуб од Првата лига кој се најде на рангирањето на Институтот за фудбалска историја и статистика (ИФФХС), па 2019 година ја завршува со неверојатен пад од цели 160 места за да заврши на делба на 307-то место на рангирањето.

Тетовци, кои во 2019 година ја освоија третата шампионска титула во историјата, а втора во низа, се посрамотија во европските мечеви и експресно беа елиминирани, па најмногу поради тоа, но и фактот на слабиот рејтинг на македонската Прва лига, не ни можеа да очекуваат подобар пласман од оваа позиција на која се најдоа на делба со француски Монако, холандски Вилем Втори, чешка Бањик Острава, боливиски Национал Потоси, полска Лехија Гдањск и северноирски Клифтонвил. Сите имаат освоено по 72 поени на рангирањето на кое има 400 клубови.

Ниту еден друг македонски клуб не се најде на ова рангирање, кое секоја година го објавува ИФФХС, а најдобриот и рекорден пласман кој тешко дека ќе биде достигнат е на најтрофејниот наш клуб Вардар, кој во историската 2017 година во која играше во групите во Лига Европа се најде на 114-то место со тогашен страшен скок од 243 позиции и само девет рејтинг поени го делеа за да биде во најдобрата стотка во таа година во светот.

Во изминатата 2019 година најдобар светски клуб очекувано е Ливерпул, пред Барселона и Манчестер сити, ама историски пласман има загрепски Динамо и тоа на 11-то место со 234 рејтинг-поени (меѓу десет најдобри е во Европа), додека белградска Црвена Звезда се најде на 250-то место како најдобри екипи од регионов.

Пад на листата забележа и македонската Прва лига која се најде на делба 77-то место со Никарагва, со по 256 рејтинг-поени. За македонската елита ова е назадување за четири позиции во однос на 2018 година и пред нас на листата се Обединетите Арапски Емирати, Ирак, Хондурас, Тајланд, Молдавија, Литванија, Финска, Албанија...