Шкендија чека шампионско славје, загрозените ќе мора да победуваат за спас

Тетовска Шкендија попладнево под Шара во пресметката против чаирски Шкупи ќе се обиде најмалку со бод да стави точка на шампионската трка во оваа сезона и официјално да се круниса за нов првак на Македонија, вторпат во историјата на црвено-црните од Тетово.

Откако го победија Вардар во дербито пред четири дена, сега на тетовци им треба бод, иако и со пораз може да го прослават вториот шампионски пехар во историјата, ако Вардар не победи во Струмица против Победа. Под Шара се подготвува шампионска забава, прва по осум години пауза, кога Шкендија првпат се круниса за шампион на Македонија.

И полека завршува трката за шампионската титула, во фокусот во послендите осум кола сега е само битката за местата во Европа, но и за тоа кој ќе опстане во лигата. Силекс како третопласиран се најде на само шест бода од Работнички за сигурното место во Европа, а сето тоа е само поради серијата од четири меча без триумф. Дебармалци опасно им се закануваат, па кратовци ќе мора против Ренова во еден од најинтересните и најизедначени мечеви во коловои да ја прекинат лошата серија за да не се доведат на само една победа од Работнички, кој денеска во првиот меч час порано од останатите прволигаши го пречекува грогираниот Пелистер, кој со нов тренер во Неџат Хусеин ќе брка бодови за опстанок.

Покрај Пелистер, тешка задача во трката за опстанок ќе има и Победа, која против најтрофејниот макеоднски клуб ќе бара триумф по серија од три порази и реми во последните четири кола, серија без триумф која исто така трае и за вардарци, но со три ремија и пораз во истиот период. Последниот Скопје, пак, како домаќин ја пречекува Академија Пандев која останува без пролетна победа во Првата лига досега.

И ако се погледне табелата, загрозените за бараж и за директно испаѓање, двата пелагониски ривали и „пиратите“ од Автокоманда, оваа рунда може да биде пресудна во нивната трка за опстанокот, затоа што порази би ја одалечила оваа тројка од останатите на најмалку девет бода разлика, што би значело дека до крајот две екипи од оваа тројка сигурно би испаднале, а една ќе треба дополнително да се мачи за да се спаси преку баражот.

ПРВА ЛИГА, 29. КОЛО

„Филип Втори“: Работнички – Пелистер (15 часот)

Кратово: Силекс – Ренова (16 часот)

Кичево: Скопје – Академија Пандев (16 часот)

Тетово: Шкендија – Шкупи (16 часот)

Струмица: Победа – Вардар (16 часот)

ТАБЕЛА

Шкендија 72, Вардар 49, Силекс 42, Работнички 35, Ренова 34, Шкупи 33 (-1), Академија Пандев 32, Победа 26, Пелистер 25 (-1), Скопје 25.