Шкендија би имала отворен пат до плејофот – носител во три квалификациски кола (ФОТО)

Актуелниот македонски првак Шкендија, која до прекинот на Првата лига има 11 бодови зад лидерот Вардар во трката за шампионската титула, ако не успее да ја одбрани круната кога ќе се рестартира домашниот шампионат, како утеха би добила отворен пат кој плејофот во Лига Европа, зашто актуелните проекции за европските купови би ги ставиле тетовци во улога на носители и тоа – три кола по ред.

Според рејтингот на тетовските црвено-црни, кој изнесува 7,250 рејтинг-поени, тие практично до последното четврто квалификациско коло (плејоф) би биле носители и на хартија би имале полесни противници за да стигнат до завршна пресметка за место во групната фаза. Но, самиот факт што улогата на носител не значи ништо, а Шкендија добро го почувствува тоа летоска кога загуби од два „аутсајдери“ и експресно испадна, тетовци ќе треба квалитетот да го потврдат на терен и таа улога на фаворит, но јасно е дека пред нив се отвора „златна шанса“ за да го повторат успехот од претходните три настапи по ред во завршницата од летната квалификациска авантура.

Новата сезона 2020/21 ќе биде последна за македонските клубови во квалификациите за Лига Европа во ваков систем, зашто од идното лето, тие поради рејтингот ќе учествуваат во квалификациите за УЕФА Конфедерациската лига, која се воведува од 2021 година, а шанса за учество во второто по ранг натпреварување ќе има само првакот и тоа под услов да го мине првото квалификациско коло во Лигата на шампионите.

Во случај Шкендија да стане првак, а Вардар да добие шанса за Лига Европа, тогаш скопските црвено-црни би биле две кола по ред со улога на носител. Од друга страна, останатите два македонски претставници, кои и да се на крајот на првенството, повеќе од извесно е дека од стартот ќе бидат неносители и ќе имаат улога на „аутсајдери“ на хартија.