Родителот кој тепаше деца на фудбалски меч во Штип доби - затворска казна (ВИДЕО)
Кривичниот совет ја утврдил вината на обвинетиот за кривично дело насилство, а пресудата сè уште не е правосилна и следува рок за жалба пред Апелациониот суд во Штип. Инцидентот се случил во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата му покажал втор жолт картон на синот на обвинетиот, фудбалер на Шкупи. Разочаран од одлуката, младинецот прво физички се обидел да се пресмета со противнички играч, по што неговиот татко влетал на теренот и со тупаници и клоци нападнал двајца фудбалери на Брегалница, дванаесетгодишници родени 2010 година. Децата од ударите добиле повеќе набиеници и скршеница на носот без дислокација. Присутната публика реагирала навреме и спречила поголем инцидент.
Основното јавно обвинителство во Штип веднаш поведе итна постапка против напаѓачот, оценувајќи дека со своите постапки тој ја загрозил безбедноста и предизвикал чувство на страв и несигурност кај присутните и во јавноста. Покрај кривичната постапка, дисциплинска мерка изрече и Фудбалската федерација на Македонија. Играчот на Шкупи со дрес број 9, чиј родител е осуден, е трајно исклучен од сите фудбалски натпреварувања. Дополнително, двајца негови соиграчи добија суспензија од три месеци, додека фудбалер на Брегалница беше казнет со четири меча неиграње поради груба игра при инцидентот.