Ренова оди во двонеделен карантин, Првата лига тешко дека ќе почне

Институтот за Јавно здравје испрати допис до фудбалскиот клуб Ренова за целосен карантин на тимот. Сите фудбалери, членови на стручниот штаб и луѓето вработени во клубот мораат да одат во 14-дневна изолација.

Пет лица од таборот на „гипсарите“ се позитивни на Ковид-19 при тестирањето направено викендов преку Синдикатот на фудбалери на Македонија. Фактот што Ренова целосно мора да оди во карантин во следните две недели, автоматски го загрозува предвидениот рестарт на сезоната.

Фудбалската федерација на Македонија во договор со клубовите одлучи сезоната да продолжи помеѓу 14 и 21 јуни. Ова сега е невозможно, бидејќи до 14 јуни Ренова целосно ќе биде во изолација и нема да тренира.

Вчера и Македонија Ѓорче Петров донесе одлука да ги прекине тренинзите откако се појавија првите позитивни случаи во Ренова и Шкендија. Засега нема информација дали истата одлука ја добиле и во таборот на тетовските „црвено-црни“, каде има двајца позитивни.

Последниот збор околу продолжувањето на сезоната ќе го има Институтот за јавно здравје. Фудбалската федерација ќе мора да ги послуша советите на државните институции, а како стојат работите моментално во земјата, услови за продолжување на фудбалот дефинитивно нема.