Работнички мора да го победи Шкупи, Вардар го чека тешко гостување кај Струга

Денеска во 20. коло во македонската Прва лига се играат два натпревари, а најпрво Работнички ќе го пречека Шкупи, по што следи дербито меѓу Струга и Вардар.

Работнички е единствен тим кој не успеа да го победи Шкупи оваа сезона, па ќе се обиде тоа да го поправи во реваншот со цел да освои нови бодови кои треба да му помогнат во битката за опстанок во македонската елита.

Шкупи и Работнички се двете најлоши екипи оваа сезона и се наоѓаат на дното на табелата. Работнички по долго време конечно славеше во минатото коло против Брера Струмица и тоа беше искра надеж во борбата за бегство од зоната за испаѓање, иако патот е долг до такво нешто.

„Работнички нема друг избор, едноставно мора да оди на победа на секој натпревар. Веруваме дека ќе успееме да славиме, иако во никој случај не го потценуваме противникот“, кажа Никола Манојлов.

Натпреварот меѓу Работнички и Шкупи се игра на Арената „Тодор Проески“ од 12 часот.

Дербито денеска е закажано на Градскиот стадион во Струга каде што ќе се соочат два поранешни македонски шампиони. Лидерот Вардар ќе ѝ гостува на Струга во битката за нови бодови во трката за шампионската титула.

Фудбалерите на Гоце Седлоски пред неколку денови беа шокирани од Охрид во Купот на Македонија, но имаа доволно време да се рехабилитираат и да се подготват за важниот натпревар.

Вардар ќе се обиде да ја искористи и резултатската криза кај Струга која на последните три меча запиша дури два порази и едно реми во Првата лига, додека „црвено-црните“ се во победничка серија што се однесува до домашниот шампионат.

„Денеска мора да одиграме на највисоко ниво како би се рехабилитирале колку толку по она што ни се случи во Купот на Македонија. Теренот во Струга, Трим Лум како противник е тежок сериозен, но ние веруваме во нашите способности. Со победа добиваме многу, и затоа ќе направиме се за да ги однесеме трите бода за Скопје“, вели фудбалерот за врска на Вардар, Немања Босанчиќ.

Дербито меѓу двата поранешни шампиони се игра на Градскиот стадион во Струга од 14 часот.