Работнички и по скоро четири години не успеа да ја победи Шкендија, но освои бод во ремито без голови на Националната Арена „Тодор Проески“, по што Шкупи се врати на минус шест во однос на тетовци, откако чаирчани со пенал попладнево го освоија Кратово за триумф со 1-0 во 21-то прволигашко коло, во трката за шампионската круна.

Во многу неквалитетното дерби кое не донесе преубав фудбал, повеќе игра диктираа „дебармаалци“, за нијанса имаа повеќе шанси преку Максимов, Лука Станковски и Петар Петковски во завршницата, но Работнички не успеа да излезе од лошата традиција и деветти меч во низа не успева да ги победи тетовци на домашен терен.

Актуелниот лидер, пак, одигра повторно ужасно лошо, без конкретни акции и со едвај две закани преку Арменд Алими и Бруно Дита во последните половина час игра, но загрижувачки за тетовци е играта, која ниту е на некое ниво, ниту е конкретна, ама за разлика од пресметката со Вардар, овојпат индивидуален потег не им донесе три бода, како погодокот од слободен удар на Алими.

Ремито го искористи Шкупи, кој со голот на Фреди Алварез од пенал на 12 минути пред крајот дојде до голем триумф и се врати на минус шест како на почетокот на пролетта, откако пред три дена чаирчани се најдоа на осум негатива после своето реми со Академија Пандев во Скопје.

Шкендија со овој бод сега има 46 бода, а Шкупи дојде на 40, на едно коло пред крајот на вториот круг, по што ќе следи распоредот за третиот, во кој последното коло ќе биде дерби за титула во Тетово, каде Шкендија ќе го дочека Шкупи, ако дотогаш трката за трофејот остане отворена.

За Работнички ова беше 11-то реми сезонава, второ во низа со Шкендија, со што дојде до 29 бода и останува петопласиран, но сега со исто бодовно салдо како и Борец.