Први полуфинални дуели од Купот: Вардар и Шкендија фаворити за меѓусебно финале!

Денешниот ден ги носи првите полуфинални натпревари од Куп на Македонија со почеток од 16 часот, во кои четири тима ќе се борат за место во големото финале и потенцијален излез на европската сцена.

Екипата на Вардар ќе го пречека тимот на Брера, со надеж за позитивен резултат на домашен терен кој ќе им даде предност пред реваншот во Струмица. Тимот одигра солиден пролетен дел од сезоната, но ако сака пласман во Европа, ќе мора да го освои Купот. Црвено-црните пред само неколку дена ги совладаа струмичани (2-0) на нивни терен, па сега ќе се обиде да го повтори успехот.

Брера, пак, се наоѓа во сериозни проблеми – екипата е последнопласирана во Првата лига и има очајна форма оваа пролет. Со цел да внесе свежина, клубот неодамна изврши тренерска смена, именувајќи го Панче Стојанов за нов шеф на стручниот штаб. За нив, главен приоритет останува опстанокот во елитата, но шансата преку Купот да стигнат до Европа не е за потценување.

Во вториот полуфинален дуел, што ќе се одигра во Тетово, Шкендија ќе се соочи со Струга. Натпреварот ќе се игра без публика, но тоа не ја намалува важноста на пресметката. Шкендија има амбиции за двојна круна, бидејќи е првопласирана во првенството и има четири бода предност. Стружани, пак, не е во позиција да се изборат за Европа преку лигата, па Купот им е единствена шанса за меѓународен настап следната сезона. Тимот исто така нема освоен пехар во ова натпреварување и се надева дека токму оваа година ќе го прекине тој тренд.