Штетата прецизиранa: Познато е колку ќе (нѐ) чини дивеењето на „Шверцери“ во МНТ!

Неодамнешното дивеењето на навивачката група „Шверцери“ при прославата на 30. роденден во Македонскиот народен театар (МНТ) предизвика вистинска бура во јавноста, а деновиве доби и конкретен епилог со одредување на сумата која ќе треба да се потроши за да се санира штетата, а која изнесува – 4.000 евра.

Оваа информација денеска ја сподели премиерот Зоран Заев во Собранието, наведувајќи детали ставка по ставка. Воедно, тој потенцира дека ќе се утврдува и поединечна одговорност во кршењето на добрата во скапоплатениот објект.

„Столици, наслони, откорнат тапацир пет парчиња, ногарки 155 парчиња, вкупна штета 3.000 евра. Плус парапет на прва галерија и украсни лајсни десет метри што чини 240 евра. Орнаментни бордури од 200 евра, пет искршени подни светилки, теписони, дупки од отпушоци што изнесува 400 евра. Вкупната штета е 3.965 евра. Не смеат ниту материјалните ниту духовните добра да бидат допрени, оштетени или омаловажени. Во таа сала сакаме да видиме култура, уметност. Ќе се утврдат поединечните одговорности“, изјави рече Заев.

Според информациите кои еден ден по инцидентот во јавноста ги изнесе директорката на МНТ, Симона Угриновска, координатор на влегувањето на „Шверцери“ во овој дом на културата бил пратеникот Артан Груби, кој воедно е и поранешен водач на оваа навивачка група.