Позитивни ветришта во Вардар - почна исплатата на долговите кон фудбалерите!

Откако во минатата недела најтрофејниот македонски клуб Вардар исплати дел од големите долгови кон тренерите во младинско-пионерската школа на клубот, црвено-црните денеска почнаа со исплата на заостанатите долгови и кон фудбалерите од првиот тим, за да се смири тенизијата и незадоволството кое владее од поодамна поради беспарицата во клубот.

Фудбалерите на Вардар речиси цела есенска полусезона играа бесплатно, а од клубот поради големата финансиска криза добиваа само постојани ветувања дека во брзо време ќе се исплатат долгувањата. На три кола до крајот на есенскиот дел, конечно барем малку ќе стивне незадоволството во соблекувалната, со исплата на еден дел од долговите и со најава дека секоја недела, црвено-црните фудбалери ќе добиваат по „една рата“ од парите, со цел до крајот на годинава сите долгови да бидат подмирени.

Почетокот на исплатата на фудбалерите доаѓа само ден откако најтрофејниот клуб загуби во соседското дерби со Работнички со 0-1, по што главниот конкурент за титулата Шкендија избега на шест бода. Оваа прва исплата на заостанатите долгови треба да биде и мотив повеќе за фудбалерите во последните три кола да одиграат многу подобро и да запишат далеку подобри резултати, со кои Вардар не би заостанал уште повеќе во трката со тетовци во оваа сезона. Црвено-црните до крајот на сезоната ги очекуваат пресметки со Силекс, Победа и Академија Пандев.

Вардарци од стартот на сезоната играа бесплатно и по првиот круг имаа импресивни седум победи и две ремија. Беа први на табелата со седум бода повеќе од Шкендија, но како што одминуваше времето и незадоволството стануваше се поголемо. Финансиската криза влијаеше и на резултатите, па по поразот од Шкендија на домашен терен, мотивацијата спласна уште повеќе и црвено-црните победија само еднаш на последните шест меча. Сето тоа Шкендија го искористи за сега да има шест предност пред најголемиот македонски фудбалски бренд.

Во минатата недела, на тренерите во младинската школа експресно им беа исплатени по три плати, откако се заканија дека ќе штрајкуваат, што беше најава за подобрување на ситуацијата во клубот. Македонската гордост должеше по седум плати на сите вработени во клубот, од играчи, тренери до администрација

Вардар од летово западна во голема криза, која еруптираше по испаѓањето од Пјуник во првото коло во квалификациите за Лига Европа, по што сметката на црвено-црните беше блокирана поради долгови кон Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП) и тоа за користење на Националната Арена „Филип Втори“. Црвено-црните потоа едвај собраа 12.000 евра за да може да ја платат котицацијата за учество во Првата лига. Во тој период и сопственикот Сергеј Самсоненко најави повлекување од клубот и враќање на Вардар под капата на град Скопје од каде што го презема во јануари 2014 година.

Според најавите уште пред неколку месеци, Самсоненко треба да го врати клубот на град Скопје кога ќе ги исчисти сите долгови. Градот треба да го преземе клубот на „нула“, исто како што рускиот бизнисмен пред четири години го доби на владеење и под негово раководење, вардарци стигнаа до три титули и историски настап во групите во Лига Европа.