Победа има нови газди, тие повикуваат: Дојдете да го наполниме стадионот и да донираме за Кочани!

Победа од Прилеп е во процедура на промена на сопственичката структура, новите газди се јавија и со првото соопшение кое се однесува на помош за жртвите од трагедијата во Кочани.

Имињата на новите газди ќе се дознаат откако ќе заврши процедурата која е почната за промена на сопствеништвото. Тие го купуваат мнозинскиот пакет на акции и веќе почнаа да носат одлуки во име на клубот.

Во првото свое соопштение ги повикаа навивачите на Победа да го наполнат стадионот за дуелот со Башкими, а средствата собрани од билетите ќе бидат донирани за погодените од трагедијата во Кочани.

„Почитувани љубители на спортот,

Ве известуваме дека ФК Победа АД Прилеп во моментов се наоѓа во период на примопредавање на извршната власт. Новите акционери донесоа одлука сите средства од продажба на билети за претстојниот натпревар помеѓу ФК Победа и ФК Башкими ќе бидат наменети за помош на семејствата на жртвите од трагичниот настан кој се случи на 16.03.2025 година во Кочани. Билетите ќе се продаваат на штанд na ФК Победа кој ќе биде поставен на Градскиот плоштад во Прилеп, како и пред Градскиот стадион „Гоце Делчев“ пред почетокот на натпреварот“, стои во соопштението на ФК Победа.

Мечот меѓу Победа и Башкими се игра во сабота од 15 часот.