Пелистер закажа „историска“ прес-конференција – ги поканија дури и критичарите!

Екипата на Пелистер в среда на домашен терен ќе го пречека големиот ривал Вардар, кој во моментов е и лидер на прволигашката табела, што полека почнува да предизвикува еуфорија, не само во клубот туку и во цела Битола.

Во пресрет на ова македонско „Ел Класико“, зелено-белите закажаа прес-конференција, која дефинитивно може да биде оквалификувана како историска. Причина за тоа е што покрај новинарите, за кои секаде во свет се прават вакви собири, битолчани ги повикаа буквално сите да дојдат и да им постават прашања на тренерот Милан Стојановски, капитенот Мирко Ивановски и на претседателот на клубот, Александар Стефановски. Покана да дојдат добија и критичарите, кои во последно време се во сѐ поголем број со оглед на резултатите на Пелистер.

„Со ова, клубот сака да отвори отворен дијалог со јавноста – сите кои имаат прашања, нејаснотии или предлози се добредојдени. Пелистер е голем клуб, а тоа носи и голем притисок, но и голема чест да се биде негов дел. Затоа, ве повикуваме сите – дојдете, прашајте, предложете, бидете дел од приказната“, се вели во поканата на битолчани.

Пелистерци немаат победа во последните осум прволигашки средби поради што фудбалерите на овој тим одамна го навлекоа гневот на јавноста и навивачите. Пелистер по 11 кола е на третото место одзади со осум бодови, но и со последна победа уште од крајот на август. Во меѓувреме, клубот испадна и од Купот на Македонија и тоа по пораз од второлигашот Шкендија од Арачиново.