Пелистер по испаѓањето се „распадна“ - буквално сите поднесоа оставка!

По две сезони во елитата, екипата на Пелистер повторно се враќа во Втората македонска фудбалска лига откако денеска загуби од Шкендија Арачиново во баражот за опстанок.

Исходот од дуелот што се играше во Кавадарци ја разочара цела Битола, навивачите се бесни, а очигледно целата управа и стручниот штаб ќе ја преземе одговорноста за она што се случи денеска. Најавена е оставка од сите инволвирани во клубот кој сезонава имаше огромна финансиска поддршка од Општината и се очекуваше не само да избори опстанок, туку да биде најмалку на средина од табелата.

„ФК Пелистер ја известува јавноста дека, по денешниот пораз и испаѓањето на клубот од Првата македонска фудбалска лига, претседателот на клубот, заедно со целокупната управувачка структура, техничкиот директор и целиот стручен штаб, ќе поднесат оставки до градоначалникот на Општина Битола, преземајќи морална одговорност за остварениот резултат.

Во изминатиот период беа преземени бројни активности и направени значителни напори за зајакнување на клубот и обезбедување на негов опстанок во Првата лига, но очигледно вложеното не беше доволно за постигнување на посакуваните резултати.

 

 

Покрај поднесените оставки, досегашната управувачка структура бара да се спроведе и целосна ревизија на досегашното работење на клубот, со цел јавноста да биде ослободена од какви било сомнежи во однос на евентуални злоупотреби на финансиски средства и да се потврди нивното наменско и транспарентно трошење.

Со овој чин се презема одговорност за резултатите, но и се остава простор за темелна анализа на досегашните чекори и носење на нови одлуки, сè во интерес на идниот развој и напредок на ФК Пелистер“, пишува во соопштението на битолскиот клуб.

Пелистер идната сезона ќе има исклучително тешка задача да се врати во Првата лига бидејќи покрај него, во конкуренција ќе бидат три поранешни шампиони на Македонија и уште неколку клубови со високи амбиции.