
Пелистер и Шкендија со различна математика пред денешниот дуел!
Пелистер е во серија од пет порази по ред во домашната лига, битолчани ќе имаат тешка задача да ја прекинат катастрофалната низа бидејќи вечерва се соочуваат со Шкендија која е една од најквалитетните во ПМФЛ.
Тетовскиот тим кој ја брани титулата сака со победа да се израмни со Струга на врвот на табелата. Но, тренерот на Пелистер, Димитар Капинковски вели дека нивната математика е поинаква.
„Шкендија е константно стабилна екипа, една од најквалитетните во последните години што игра во нашето првенство. Тие сега играат и во Европа, имаат голем ростер на играчи и верувам дека ќе бидат на високо ниво и во нашиот дуел. Сепак, нашата математика е поинаква од нивната, па немаме намера да им ги препуштиме бодовите”, изјави тренерот Димитар Капинковски.
Шкендија во Битола оди по поразот од Рајо Ваљекано во Конференциската лига.
„Во овој меч со Пелистер влегуваме после многу тежок натпревар против Рајо Ваљекано, но за нас тоа беше едно драгоцено и убаво искуство. Натпревар против екипа од силната Ла Лига. Но, сето ова го забораваме и одиме во Битола на три бода против Пелистер. Шкендија на секој меч оди на три бода. Нема да биде лесен предизвик, но секогаш одиме на победа за да дојдеме до зацртаната цел – одбрана на титулата. Ако освоиме три бода, ќе биде многу добро за нас. Ќе се искачиме повисоко на табелата, и тоа ќе ни ги олесни работите, затоа што потоа следува пауза, која ќе биде добредојдена по многу патувања и натпревари. Во иднина верувам дека во Европа работите ќе тргнат на подобро во наша корист“, изјави Камер Ќака, играчот на Шкендија.