Врие во Вардар: Управата пак ги излажа играчите, лиценцата за Европа сериозно виси!

Проблемите во најтрофејниот македонски клуб Вардар никако да запрат, па црвено-црните кои веќе го обезбедија настапот во УЕФА Европа Лигата може да извисат и да не добијат евро-лиценца, откако денеска во тренинг-центарот Хиподром на фудбалерите им било кажано дека пари нема да добијат најмалку до 1 јуни.

Ова е најново во низата нереализирани ветувања досега, зашто пред извесен период на фудбалелерите на најтрофејниот македонски клуб им било соопштено дека долговите ќе им бидат подмирени до 15 мај. Дури играчите потпишувале и специјална согласност дека ја разбираат ситуацијата и дека ќе почекаат за парите до 15 мај. Тие нивни изјави управата на клубот ги искористила за да не добијат нова санкција од УЕФА. Но, сега по најновите лаги од раководството на црвено-црните, во соблекувалната на Вардар буквално - врие.

Станува збор за пет месеци плата, плус рати од договорите, а сумата вооопшто не е мала. Најпроблематично е што не се исплатени ноемвриската и декемвриската плата, кои на последната „голема исплата“ биле оставени „на страна“, зашто заедно со нив требало да бидат исплатени и ратите од договорите. Тоа што е најлошо во ситуацијата е што новото одложување доаѓа во период кога се доделуваат лиценците за евронастапи, а новото сериозно доцнење може сериозно да ги загрози шансите за излез на европска сцена. А токму од тој пласман Вардар може да добие минимум 230.000 евра за учество во прво коло, пари кои му следуваат на бившиот првак, а касата може и да се поднаполни во зависност од тоа дали ќе имаа подолго европско лето.

Вардар веќе е под мониторинг на ФИФА и имаше условна суспензија со рок до 31 јануари за да ги исплати наталожените долгови до октомври лани. Клубот успеа да ги исплати тие пари, но не и да расчисти со сите долгови, кои очигледно сè уште се сериозен проблем.

Кон крајот на март, Вардар се најде во уште еден проблем со најавени тужби до ФИФА, во кои црвено-црните приложуваа дополнителна документација за да не извисат за лиценцата, ама очигледно дека проблемите воопшто не се надминати.

Лиценцната комисија на ФФМ вообичаено месецов објавува кои клубови ќе добијат дозвола за настап во евро-куповите. Ако некој не добие лиценца, има второстепена комисија и брз рок да се исчистат сите долгови, но најновиве лоши вести од соблекувалната на Вардар не влеваат надеж за подобрување на тешката ситуација.