Пандев и неговиот проект Брера промовирани на њујоршката берза! (ФОТО)
Уште од летоска Пандев со својата Академија преговараше и го договори влезот на Италијанците од Брера, третиот клуб од Милано, па после промотивниот дел кон крајот на изминатата година, конечно проектот синоќа влезе во главната фаза со почетокот на продажбата на акциите, после која следува официјалниот влез на италијанско-американското партнерство како газди на Академија Пандев.
Пандев беше вчераутро по американско време во Њујорк како дел од Бордот на „Брера Холдингс“, акциите првпат се појавија на берзата со почетна цена од 2,35 долари, која во еден момент достигна и 2,95 долари, а на затворање на првиот ден акциите застанаа на 2,52 долари. Брера собра речиси осум милиони „зелени банкноти“ на јавната понуда за проектот, во која како промотор учествуваше и еден од познатите милијардери Крис Гарденер, човекот кој од бездомник дојде до богатство и за него има снимено филм во Холивуд.
Берзата Насдак е втора најголема на светот, каде што се појавува проектот на Брера, кој во својата програма во план освен Академија Пандев, има и да купи клубови во Мозамбик, Гана, Аргентина и да се направи мрежа од клубови со центар во Струмица поради европскиот пазар, преку кој млади фудбалери ќе се промовираат на Стариот континент.
Брера треба да купи 70 отсто од акциите на Академија Пандев, а македонската легенда ќе остане со 30 отсто и Академијата за млади, нешто што го најави во новогодишното интервју за Спорт 1.
„Планот е да купуваат клубови во Аргентина, Мозамбик, Гана, Македонија... Мислам дека имаат добар проект, како тој на Манчестер сити да имаат повеќе клубови под себе, а главна база да биде Струмица и Македонија. Да доаѓаат Аргентинци, Ганци, Мозамбиканци тука. Сепак, европскиот пазар е многу подобар од останатите пазари. Сакаат да наметнат еден европски проект и за една година да направат промени, иако знаат каков е нашиот менталитет, седум месеци со нив за тоа разговаравме. Но, имаат проект за две-три години да направат европски клуб кој ќе се стреми да игра Европа и да игра во групна фаза. Јас можам да кажам само дај Боже да им се оствари сонот. Имаат свои идеи и мислам дека ќе има промени. Кај мене остануваат 30 отсто од акциите, но јас повеќе ќе сум за младите категории, за Академијата. Децата се најголемо богатство и јас со нив сум најсреќен. Сега генерации од 2007 и 2008 година ќе одат на турнир во Дубаи“, објасни Пандев меѓудругото во интервјуто.
Академија Пандев зимава веќе донесе 10 засилувања со цел да се обезбеди опстанокот во Првата лига како главна цел, а сѐ потоа ќе биде комплетна реконструкција со големи соништа за изградба на европски клуб.