Панчев за ситуацијата во Вардар: Носат Бразилци, а мене не ме прашуваат!
Во Вардар дојдоа деветмина новаци, но црвено-црната јавност не е убедена дека вицешампионот по тоталната реконструкција изгради тим кој е способен за подолго лето. Се најавуваа многу позвучни имиња, вистинска реконструкција, но... Одговори за преодниот рок побаравме од спортскиот сектор, особено поради некомплетниот старт на екипата во главната фаза од подготовките, доцното приклучување на дел од засилувањата на подготовките, но и квалитетот на фудбалерите кои треба да бидат дел од најтрофејниот клуб.
„Овие двајца Бразилци веројатно се потпишани, зашто нив ги донесоа нашите соработници од управата на Вардар. Ние (Панчев, Бабунски и Најдоски – н.з.) што сме донесени за да се грижиме за подобрување на фудбалски квалитетот во клубот, немавме во план за ангажирање на Лира и Бала. Не ги планиравме, ниту мислевме да ги донесеме, но некои луѓе од клубот мислат дека тие се добри фудбалери и ги донеле. Дај боже така да испадне. Размислуваме позитивно во интерес на Вардар и го прифаќаме како дел од функционирањето на клубот. Работиме како група и не секогаш се прифаќаат предлозите на нас тројца, кои сме задолжени за фудбалските подобрувања. Дали е тоа добро или не, е сосема друга работа, за тоа ќе покаже времето. Факт е дека јас не ги носам сите играчи, но сите ние заедно ја носиме одговорноста. Јас како фудбалски познавач се трудам да донесам добри играчи и ќе продолжам да го правам тоа понатаму“, вели спортскиот директор Дарко Панчев.
Тој потенцира дека идејата да се подмлади тимот и да се направи нов кој ќе игра подолго време заедно, засега не се остварува, затоа што како управа сите потфрлиле во делот на брзо формирање на тимот пред почетокот на подготовките.
„Вардар дојде во една ситуација да ги смени фудбалерите кои тука беа презаситени, заедно беа три-четири години тука и сакаа да ја сменат средината. Управата и јас им дозволивме да си одат. Одреден дел од играчи беа веќе и во години, а планот беше да се подмладуваме, зашто не може да правиш екипа на подолги патеки, ако имаш фудбалери со 34, 35, 36 години. Затоа се направи комплетно реновирање на тимот, меѓутоа, искрено, јас уште пред два месеци како директор на клубот го направив списокот, нормално во консултација со Боби кои 12 нови играчи треба да дојдат. Еден дел од тие играчи не се донесоа. Зошто? Тоа главните луѓе во клубот го знаат. Дел од играчите дојдоа многу доцна, еве сѐ уште доаѓаат после подготовките. На на тој начин ние не му помогнавме, туку му одмогнавме на новиот шеф на стручниот штаб. Нормално, како и секој тренер, па и Боби сакаше екипата да му биде собрана пред да оди во Словенија за да може да ја воигрува и да ја подготви. Меѓутоа ние како управа и како клуб тоа не му го овозможивме. И не можеме утре да фрламе дрва и камења по Боби, кога и ние не ја завршивме на време како што треба“, посочува Панчев
Членот на „златната генерација“ од 1987 година потенцира и дека Вардар мора да носи квалитетни странци, а не просечни во контекст на ангажманот на немакедонски фудбалери како засилувања на тимот.
„Јас од газдата летово побарав двајца наши странци да ги ослободиме од обврските затоа што сметав дека може да донесеме уште подобри од нив, за тие пари кои им се даваат. Но, бев одбиен. За последниве двајца Бразилци апсолутно немавме поим кои се, што се, затоа што никој од нас не ги гледал. Донесени се како што се донесени и во ред, пак, ќе кажам, дај боже да бидат најдобри во Вардар. Мене лично не ми пречи. Мислам дека странците што ги носиме треба да отскокнуваат од нашите играчи. Не е само да донесеме странец затоа што сме донеле, туку тој мора да биде со одличен квалитет. Подобро да имаме пет скапи странци кои се извонредни, отколку осум просечни. Во тој правец, за стилот што го играме, барав такви играчи, но пак ќе кажам не беше сето тоа реализирано од некакви причини. Јас мојата работа како спортски директор ја завршив уште пред два месеци. Понатаму, сето тоа не зависи од мене“, вели Панчев.
Ниту едно име од првично најавените фудбалери, кои требаше да го подигнат квалитетот на Вардар не дојде во клубот, а Кобрата посебно жали за четворица, кои можеле да го облечат црвено-црниот дрес
„Имавме три извонредни фудбалери кои требаше да дојдат, а не ги донесовме. Тоа пред сѐ е Бумба од Романија, кој е феноменален играч, потоа Џејмс од Скендербег, со кого не се договорија – не знам зошто. Го баравме и Тамбе, кој не можеше да се донесе од објективни причини, затоа што имавме испратено навистина добра понуда, но тој во меѓувреме добил многу поголема плата некаде и така се заврши сето тоа. И секако, имаше еден стопер од Раднички Ниш, Милош Петровиќ, кој ќе беше убаво да го донесеме затоа што е одличен играч. Тоа е тоа, за нив четворица ми е многу криво што не дојдоа. Плус, Бабунски бараше да се донесат Силјановски, кој беше најдобар десен бек во Албанија, а и тој сакаше да дојде, разговаравме со него, меѓутоа не се прифати тој предлог. Го баравме Александар Дамчевски за да дојде од Кипар, особено што на таа стоперска позиција ни фалеа играчи, но и таа идеја не се прифати. Јас сакав и голманот Богатинов да го донесам, договорено беше сѐ, но и тоа пропадна“, посочува Панчев.
Тој јавно побара поголема доверба во спортскиот сектор за да се изгради нов Вардар, а потенцира дека има план како Вардар постојано да биде во игра за групна фаза во Европа.
„Ние сме го прифатиле тоа дека тој што дава пари и одлучува. Тоа воопшто не е спорно за никого од нас. Ние бевме донесени за да ја подобриме фудбалската состојба во екипата и ако ние сме донесени, тогаш треба да се има доверба и да не остават да го правиме тоа. Па и јас кога играв во Звезда, тренерите не ги носеа фудбалерите, сите ги носеше Џаиќ, а ние со сите тренери игравме исто. Нормално е јас како спортски директор да размислувам да направиме што е можно подобар тим, затоа што тоа е и во мој интерес и во интерес на клубот и на екипата. Јас нема да правам работи кои не се нормални во светот на фудбалот, а секогаш ќе се трудам да направиме максимално добар тим. И пак ќе кажам, тука мора да има доверба и поддршка од клубот, од главните раководни луѓе. Се надевам дека во брзо време ќе го направиме Вардар да биде во некои европски висини. Јас веќе му ја дадов идејата на газдата, како Вардар секоја година да биде блиску влегување во групни фази, колку чинат играчите... Убеден сум дека со таков систем, ако го направиме, секоја година не само што ќе доминираме во Македонија, туку ќе бидеме блиску влегување во Европа секоја сезона. Таа трансфер политика би била околу 2.3 милиони евра годишно, што не е ништо страшно, од причина што до пред две-три години Вардар ги даваше тие пари. Само треба паметно да се размислува, а јас тврдам дека ќе се најдат добри играчи. Само треба да се остават да го работат тоа тие што знаат“, вели Панчев.
Пред Вардар е првата пречка Пјуник, а спортскиот директор додава дека очекува брза консолидација на клубот и почеток на ново издигнување на црвено-црните.
„Се надевам дека сите овие пропусти нема да остават негативен печат на тоа што планираме да го направиме и да играме, а се надевам дека ќе имаме време да се консолидираме и да ја поминеме првата пречка која нема да биде лесна. Пјуник не е наивен тим, затоа што 15 години по ред игра во Европа. Се надевам дека брзо ќе почнеме да го креваме Вардар на некои европски висини, ако тоа е желбата на главните луѓе во клубот. Се сложувам со размислувањето на јавноста и јас исто како спортски директор очекував дека после влегувањето во Лига Европа ние како Вардар само ќе ги подигнеме фудбалските стандарди. А не обратно - наместо да ги подигнеме отидовме во спротивен правец“, заврши Панчев.