Османи: По исцрпеноста, нè зафати и криза и за сè јас сум најодговорен
Тотално неочекувано беше лошата серија на Шкендија, која два меча не можеше да даде гол, а со Ренова успеа за една минута да прими два гола, па потоа бркаше негатива и сè што направи беше да се избори за бод. По серијата негативни резултати, тренерот Ќатип Османи посочи дека е најодговорен за ситуацијата, додавајќи дека не ја нашол добитната формула за да го извади тимот од лошиот период.
„Три меча без победа е лоша ситуација и ние мора да реагираме. Оваа ситуација покажува дека Шкендија не е во форма во каква треба да биде. Јас и претходно посочив дека сме уморни, ама сега евидентно е дека сме во криза. Нормално одговорноста за вакво нешто е на тренерот и јас се чувствувам одговорен за лошите резултати во последно време. Од поразот со Побед се обидов да направам промени во системот, во стартниот тим и засега веројатно не ја најдов добитната формула. Јас се надевам дека Шкендија брзо ќе се врати на нивото на кое сите посакуваме“, вели Ќатип Османи.