Од Вардар децата си одат за беспари, а Партизан за свој бисер одбива ѝ – 15 милиони евра!?

Младинскиот македонски репрезентативец Никола Серафимов е последен во низата на вардарови деца кои практично за беспари си заминуваат од најтрофејниот македонски клуб, користејќи го моментот на негрижа на управата и раководството на црвено-црните, кои поради проблемите со финансиите никако не успеваат и ситните плати на младите фудбалери да ги подмират.

Серафимов не замина за Анталија со Вардар откако претходно побарал раскин на договорот, па актуелниот прволигашки лидер остана без талентирано момче, кое ги мина сите младински категории на македонската гордост и сето тоа поради постојаните ветувања и неисплатените плати. Ако им е за утеха на Вардар, во касата ќе легне некое евро, но тоа од задолжителната тренинг-компензација што идниот клуб на Серафимов ќе мора да ја плати.

И додека Вардар секој преоден рок или се откажува туку-така од своите таленти или тие бегаат од клубот поради тоталниот финансиски хаос, белградски Партизан, дури и во ситуација кога во Хумска 1 не цветаат рози како во ривалската Црвена Звезда успева да одбие и неверојатни 15 милиони евра за свој талент.

Белграѓани неодамна еден бисер во Страхиња Павловиќ продадоа во француски Монако за 10 милиони евра, а сега од Ница им дошла понуда за младиот Филип Стевановиќ и тоа од Ница вредна 15 милиони евра. Станува збор за малолетен фудбалер за кој Партизан им порачал на Французите дека на маса за преговори ќе седнат ако добијат три милиони евра повеќе. Проблем во реализација на трансферот е што Стевановиќ е малолетен, па Французите ќе мора да го остават до навршување на 18 години на заем во матичниот клуб.

Но, тоа што е најбитно, ако се спореди Вардар и Партизан, црно-белите кон Стевановиќ имаат чиста финансиска состојба, а и продолжен договор до 2022 година, па може секоја ситна понуда да ја одбијат. Вардар во случајот со Серафимов поради неподмирени финансии го губи правото да го задржи.

Овој пример со таленти на Партизан е само еден во низа, зашто во изминативе години сите балкански великани од бившојугословенските простори знаеле умешно и добро да наплатат за своите таленти. А, Вардар како едно од десетте најголеми фудбалски имиња од овие простори и ден-денеска не успева да научи како се работи во фудбалот, иако посакуваа црвено-црните да бидат „македонскиот Динамо Загреб“, чија алфа и омега Здравко Мамиќ пред неколку години беше и во Скопје. Но, очигледно црвено-црните немаат капацитет за – фудбалски бизнис.

Во изминативе неколку години практично за беспари од црвено-црните си заминаа Тодор Тодоровски и Филип Антовски, кои заминаа во хрватските Осиек и Динамо Загреб (само за тренинг-компензација која не е поголема од 20-на илјади евра). Овој двоец е стандарден во младинската селекција. Претходно Вардар туку-така се откажа од Есмин Личина (Македонија ЃП) и Ердон Даци (Коњаспор, Турција), исто така младински репрезентативци во моментов, уште како пионери ги загуби Дарко Чурлинов, Енис Фазлагиќ..., па сето ова е доказ дека раководстовот на клубот нема ама баш никаков план за своите деца како да ги искористи за свои потреби (да бидат првотимци на долг рок) или добро да заработи (ако се реши да ги продава).

Поради финансиската криза и постојаните ветувања, а слабите исплати, Вардар ризикува на лето да остане без уште низа одлични талентирани деца пред сè како Али Адем, за кого цела една година се појавуваат информации по странски медиуми за интерес на Бешикташ, Динамо Загреб, Спортинг Лисабон, Фенербахче, потоа репрезентативецот до 19 години Џемал Ибиши, сениорскиот репрезентативец Марио Младеновски. Сите овие играчи се едвај до својата 20-та година и се голема перспектива. А, како тргнало Вардар од нив може да остане со прстот во уста ако ситуацијата не се промени во брзо време.