Лидерот Шкупи гостува во Автокоманда, „пандевци“ ја пречекуваат Брегалница

Првата македонска фудбалска лига денеска продолжува со пет натпревари од 16.коло.

Вчера на првиот дуел од оваа рунда, Работнички и Ренова ремизираа без голови. Од денешната програма најинтересно се очекува да биде во Автокоманда, каде Скопје го пречекува градскиот ривал Шкупи.

Лидерот на табелата по поразот од Македонија Ѓорче Петров се врати со два убедливи триумфи по ред против Пелистер и Струга. За да ја задржат удобната предност на врвот, чаирчани мораат да слават и на ова незгодно гостување, особено бидејќи Скопје на последните четири средби освои само два бода. 

Академија Пандев за да го задржи притисокот кон лидерот Шкупи денеска мора да слави на домашен терен против незгодната Брегалница. Тимот на Александар Васоски седум натпревари во низа нема пораз на кои оствари пет победи и две ремија.

Шкендија би требало да има лесна задача и се очекува да ја продолжи победничката низа на четири натпревари, бидејќи денеска го пречекува фенерџијата Пелистер.

На преостанатите натпревари, Македонија Ѓорче Петров му гостува на Борец, додека Струга го пречекува Тиквеш.

Сите дуели се играат со почеток од 13 часот.