Само четири дена откако Струга Трим Лум го победи Шкупи во големото дерби за титула и избега на четири бода, денеска таа предност се преполови на само два, откако лидерот и вторпат за две недели не успеа да ја победи Македонија ЃП и пак ремизираше без голови, а првакот од Чаир лесно со 3-1 го совлада Работнички, во ова 23-то коло во Првата лига, прво од третиот и последен круг во сезоната.

Струга е неосвоив терен, ама ако некој знае и умее да освојува бодови тоа дефинитивно е Македонија ЃП, која од трите ремија сезонава дома на стружани, два им се со „лавовите“, ама и традицијата да не загубат скопјани на гостувањето трае веќе шест години, уште од мартовската второлигашка пресметка во 2018 година кога последен пат Струга се радуваше на домашен триумф со ѓорчепетровци.

Иако без Муарем Бајрами кој пред два дена си замина од кормилото на Македонија ЃП, скопјани успеаа да освојат нов бод и да го сопнат лидерот на табелата.

Иако сите очекуваа после мини-кризата со две ремија на стратот на вториот дел дека Струга после победата со Шкупи ќе влезе во победнички ритам, тоа не се оствари, па завршницата на сезоната допрва ќе се вжешти откако Шкупи сега се врати на достижната предност во трката за првото место.

Можеа чаирчани да го потопат Работнички, ако Реналдо Цефас беше многу поголгетерски расположен, ама Игор Алексовски му фати три зицери, одбрани уште неколкупати, но не можеше да ги спречи Мергим Бајрами, Бразилецот Кевен и Цефас од четврти обид да погодат во мрежата за да ја обезбедат победата за Шкупи уште до полувреме.

Шкендија со два гола на Ерлинд Чинари после еден час безмалку израмнет меч со Академија Пандев, дојде до триумфот, иако струмичани на средина од вториот дел успеаа да се вратат во мечот со еден гол на Ергемлидзе, но не и до крајот да стигнат до втор погодок за да направат ново изненадување и да освојат бод, па серијата со овој пораз сега им се прекина во која освоија седум бода од трите меча што ги одиграа.

Брегалница очекувано ја здроби Победа со 4-0, меч кој беше решен после само 11 минути игра со двата гола на штипјани од стартот на мечот, па сѐ друго беше само чиста формалност за нови три бода на далеку поквалитетниот тим на Брегалница. Дарко Додев и Даниел Мојсов ги дадоа првите два гола, па Иван Николов со два во шест минути после еден час игра стави печат на победата

Вчера Силекс го победи Скопје со 3-1, па Академија Пандев остана на пет бода пред „пиратите“, а шест пред Победа во трката за избегнување на опасната зона на 10 кола до крајот.

Слободен во ова коло беше Тиквеш.

ПРВА ЛИГА, 23 КОЛО

Шкендија – Академија Пандев 2-1 (2-0)

Чинари 31, 45 – Емгерлидзе 69

Шкупи – Работнички 3-1 (3-1)

Бајрами 11, Кевен 33, Цефас 38 – Мазари 14

Брегалница – Победа 4-0 (2-0)

Додев 3, Мојсов 11, Николов 61, 67

Струга ТЛ – Македонија ЃП 0-0

ВЧЕРА

Силекс – Скопје 3-1 (1-0)

Катаниќ 9, Ѓорѓиевски 74, 90+3 – Хајдари 53

Слободен е Тиквеш

ТАБЕЛА: Струга ТЛ 43, Шкупи 41, Шкендија 38, Силекс 35, Брегалница 32, Тиквеш 28, Македонија ЃП 26, Работнички 24, А. Пандев 19, Скопје 14, Победа 13.