"Лавовите" го промовираа Блажевски: Дојдов во Ѓорче за да ги исполниме целите!

Фудбалскиот прволигаш, екипата на Македонија Ѓорче Петров, го договори трансферот на искусниот голгетер Дејан Блажевски (33).

Популарните „Лавови“ му посакаа добредојде на новото засилување кое минатата сезона ги бранеше боите на Работнички. Тие најавија дека со доаѓањето на Блажевски тимот доби на дополнителна цврстина во нападот, па затоа се очекува тимот од Ѓорче да биде далеку попродуктивен во напаѓчката линија.

Македонија Ѓорче Петров е одличен тим со супер услови за работа. Доаѓам во Ѓорче да дадам максимум од моите капацитети и искуство и да му помогнам на тимот во исполнување на претстојните предизвици, а тоа се нови заеднички успеси и што повисока заслужена позиција на табелата, изјави Блажевски за клупскиот сајт.

Покрај Работнички, напаѓачот настапуваше за уште неколку македонски клубови, меѓу кои Вардар, Турново и Пелистер, а од интернационалната кариера ги бранеше боите на Агротикос, Верија, Пиерикос Катерини, Тирана.