Комити стануваат акционери, Вардар пак ќе биде - клуб на народот (ФОТО)

Навивачката група „Комити“ вечерва ја информира јавноста дека почнала постапка за стекнување 25-отсто од акциите на клубот, со што и официјално ќе станат дел од сопственичката структура на најголемиот македонски спортски бренд.

Со ова, претставници на фановите на црвено-црните ќе станат дел од сите структури, а своите обврски ќе ги извршуваат волонтерски, водени од мотото „Не за пари – за клубот!“. Нивна цел е расчистување на сите долгови и воспоставување здрав и долгорочен систем.

„На ваков чекор се одлучивме зашто повеќе не можевме да ја гледаме катастрофалната ситуација во која се наоѓа нашиот Вардар. Предолго веќе трае агонијата. Сите визии и планови кои ни беа презентирани се мртви. Сите рокови во кои требаше да бидат исполнети, се одамна поминати. Вардар стана предмет за пресметка помеѓу разни струи, кои преку нашиот клуб единствено сакаа да си ги исполнат личните цели. Како група помагавме и максимално се трудевме, клубот и покрај сите проблеми, да продолжи да функционира, да оди напред. Но, околностите во овој момент, бараат од нас радикална одлука. Главната цел на ваквиот наш чекор е целосно расчистување на долгот на ФК Вардар кон сите институции и физички лица, воспоставување на здрав долгорочен систем, во кој главен удел ќе имаат кадарните лица, чија главна цел ќе биде, спортскиот успех на клубот и создавање подобра иднина, за која сите ние заедно ќе треба да се избориме“, се вели во дел од соопштението на „Комити“.

Тие најавуваат транспарентна работа, а отворени се за соработка со сите што ќе сакаат да помогнат.

„Нашиот легитимитет не го црпиме само од правен аспект, туку сметаме дека ова е нашето природно право, поради сите заложби и акции преку кои активно сме помогнале на клубот. Секако, најголемиот легитимитет го црпиме од народот, кој ја препозна нашата искреност и не поттикна уште повеќе на ваков чекор. Вардар е клуб на народот, бил и ќе биде. Заедно ќе се избориме за неговата иднина!“, дополнуваат популарните „Комити“.

Прв чекор на навивачите на црвено-црната чета е денешниот договор со општина Аеродром за добивање можност за користење на фудбалското игралиште во близина на СЦ „Јане Сандански“, каде што ќе работи младинската школа на клубот.