
Кикс на Вардар во Врапчиште: Беса ѝ помогна на Воска да го преземе врвот!
Иако Вардар тргна како што посакуваше, со ран гол на Дарио Десниќ, одбраната на црвено-црните денеска беше под нивото, па примија два гола за комплетен пресврт во мечот, а до овој дуел имаа само три примени гола во седумте претходни средби.
Зани Незифи постигна прекрасен гол од 16 метри за да ја донесе победата на Беса после еден час игра, со удар по кој Филип Гачевски остана закован на гол-линијата, а колку и да се трудеа вардарци да избегнат барем пораз во завршницата, немаа завршен удар за втор гол и барем реми, иако имаа неколку обиди преку Дарио Десниќ и Роберт Митев.
На овој пораз на Вардар најмногу се израдуваа ривалите, зашто Воска се искачи на првото место, сега со бод повеќе од вардарци, Гостивар се добилижи на само бод пред меѓусебната пресметка, но Пелистер направи тежок кикс и одигра само 1-1 со Слога Виница, па сега е на осум бода од вториот Вардар, а седум од Гостивар кој е трет и со сѐ помали шанси и надежи дека може да дојде и до бараж.
Младинскиот репрезентативец Бехар Фета даде хет-трик за полувреме за Воска уште во првиот дел да ја обезбеди победата со Беласица, па на крајот славеше со 4-1, додека Гостивар очекувано го победи Тетекс со 5-0, со два гола на Антонио Каланоски, а по еден на Стојанче Велинов, Емран Рамадани и Вилдан Керим.
На дното, Каменица Саса освои само бод за да избега на три од Тетекс во трката за место во баражот за опстанок, но Локомотива Пехчево загуби со 0-3 од Арсими, па битката и за сигурен опстанок останува во игра, зашто Локомотива сега е на само два бода пред каменичани, а останаа на сѐ уште достижни пет во однос на „штофарите“.
ВТОРА ЛИГА, 23. КОЛО
Беса – Вардар 2-1
Слога В. - Пелистер 1-1
Воска Спорт – Беласица 4-1
Гостивар – Тетекс 5-0
К. Саса – Кожув 1-1
Локомотива П. - Арсими 0-3
Караорман – Охрид 1-0
Борец – Детонит 1-2
ТАБЕЛА: Воска С. 56, Вардар 55 бода, Гостивар 54, Пелистер 47, Детонит П. 40, Беса 36, Охрид 33, Беласица 32, Арсими 33, Караорман 30, Кожув 27, Локомотива П. 20, К. Саса 18, Тетекс 15, Слога В. 13, Борец 2.