Историска 2017-та: Вардар европски шампион, одбојкарско сребро, фудбалско ЕП, четвртфинале СП... (ФОТО)
Златната 2017 година најмногу ќе се памети по европската титула на ракометарите на Вардар, кои во Келн на почетокот на јуни, како аутсајдери се искачија на европскиот ракометен трон. Со две инфаркт-завршници против гиганти како Барселона во полуфиналето и ПСЖ во финалето, црвено-црните ја донесоа Македонија во екстаза. Успеаја да го направат невозможното и да се крунисаат за европски владетели, а со тоа и да го донесат најголемиот успех во машкиот екипен спорт во историјата. Шанса за нов трофеј, петти годинава, вардарци ќе имаат во Доха (Катар) на неофицијалното Светско клупско првенство (Супер Глоуб) кон крајот на август. Годинава Вардар освои четири трофеи, покрај најважниот во ЛШ, тој во регионалната СЕХА-лига, како и домашната „двојна круна“.
Ракометните успеси за малку не беа потполни од ЖРК Вардар, која во трилер-меч и продолженија, со судиски неправди загуби, во финалето на фајнлфорот во Будимпешта од домашниот Ѓер. Вардарки беа на само еден гол од европската круна, откако три сезони по ред, бронзата им беше крајниот дострел на завршниот турнир. За малку не стигнаа и тие да се радуваат на европскиот пехар и да го повотрат успехот на Кометал Ѓорче Петров од пред 15 години. Сепак, ќе биде запишано дека ниту еден клуб немал ракометна сезона за аналите како Вардар, два тима да играат две финалиња во иста година.
Надополнување на ракометниот успех на вардарци е и пласманот на машката ракометна селекција предводена од стратегот на црвено-црните Раул Гонзалес на Европското првенство во Хрватска, кое беше визирано веднаш по сезоната од соништата во ЛШ. Македонија ја продолжи серијата на учества на големите натпреварувања со пласманот на континенталното првенство, откако не баш успешно тргна ракометната приказна на СП во Франција предводена од Лино Червар. Како капак на ракометниот успех доаѓа сега најталентираната македонска селекција, која на младинскиот мундијал веќе е меѓу најдобрите осум и ќе бие битка за полуфинале против Франција.
Дека нешто магично е во 2017 година е и фактот дека фудбалски Македонија исчекори кон Европа. Прво со настапот на младата репрезентација на Европското првенство во Полска, кое е историско прво во најпопуларниот спорт за една селекција, не сметајќи го настапот на девојчињата до 19 години на ЕП во 2010 година на кое беа пласирани само поради тоа што бевме домаќини. Предводени од Благоја Милевски, Енис Барди, Бобан Николов, Давид Бабунски, Дарко Велковски, Ѓоко Зајков, Елиф Елмас, Никола Ѓорѓев освоија еден бод, дадоа четири гола, но тоа што е најбитно - оставија силен впечаток во дебитантскиот настап на фудбалска Македонија. За нив, европскиот крем во Полска говореше со пофалби поради начинот и фудбалот кој го одиграа. Дури и една Шпанија упати безброј комплименти за мечот на дебито кое го загубивме со 0-5.
За да не остане фудбалски само на младата селекција, шампионот Вардар си обезбеди долго европско лето, а сега е на чекор и до европска есен, што би било историски успех за еден македонски клуб. По победата против Копенхаген завчера, црвено-црните имаат уште 90 минути за да визираат настап најмалку во групната фаза во Лига Европа, а по 14 август би се бореле и за место во европската елита во мултимилионската Лига на шампионите. По цела една деценија, Македонија повторно има фудбалски шампион кој мина една рунда (Вардар по елиминацијата на Малме со триумфот од 3-1 дома и ремито 1-1 на гости), а Шкендија ја дополнува одличната клупска сезона која може да биде според рејтингот исто така историски најдобра. Тетовци денеска играат прв меч од третото коло со литвански Тракаи, во битка да ја повторат нивната најдобра клупска сезона од лани со пласманот во плејоф-рундата.
Со колку пари и какви премрежија поминуваат одбојкарите, среброто во Европската лига е рамно на злато. Нивната херојска борба и патешествијата што во последните години ги минуваа и на крајот стигнуваа до самата завршница се успех повеќе, затоа што е доказ дека срцето на терен многу повеќе носи успех од парите. Не успеаја годинава да го направат тој исчекор кон златото и повторно одиграа само финале, кое не го победија. На крај, никој не ги дочека, па самите направија пародија и си подготвија дочек на плоштадот.
По освоените титули на ридски патеки во европскиот шампионат и триумфот лани на легендарната Монца, најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски -Иџе уште еднаш ги израдува навивачите во земјава, овојпат со триумф на уште една легендарна патека позната од трките во Формула 1 – германски Нирбургринг. На крајот на мај, Иџе се радуваше на својот втор триумф во ЕТЦЦ-шампионатот.